Денес во Спортската сала „Билјанини Извори„ се одржа прес-конференција по повод Меѓународниот Кошаркарски турнир „Охрид Трофеј 2013„ кој е во организација на Ј.П. „Билјанини Извори“, а под покровителство на Локалната самоуправа.
В.д. директорот на Ј.П. „Билјанини Извори“ истакна дека турнирот е продолжување на традицијата на Охрид која ја имаше до пред 3 децении, исто така додаде дека викендов во Охрид ќе се гледа врвна кошарка и дека овој настан е со тенденција да стане традиција.
„Јас им благодарам многу на екипите кои што ќе бидат гости на Охрид, се надевам дека ќе имаат пријатен престој, се надевам дека ние заедно со нив, на крај после турнирот, ќе размениме неколку зборови, а со цел да ни посочат доколку имаме слабости каде ни се слабостите во делот на организацијата, доколку не, што треба да направиме за следната година овој турнир да биде на уште повисоко ниво. Јас сум убеден дека наредните години ќе бидиме уште појаки со екипите секако се надевам дека екипите кои што се на овој прв турнир, на овој трофеј, ќе бидат задоволни и со задоволни импресии ќе се вратат дома и ќе бидат идни наши лобисти за „Охрид Трофеј“ да постане еден од најјаките кошаркарски клупски турнири кои што постојат на Балканот“, – истакна в.д. директорот на Ј.П. „Билјанини Извори“, Иван Цветкоски.
Сектретарот на Локалната самоуправа Димитар Спасески истакна дека на турнирот ќе учествуваат најеминентните екипи од Балканот и од име на Градот ги покани сите љубители на спортот да го посетат настанот.
„Општина Охрид во рамки на своите напори за продолжување на летната туристичка сезона, од оваа година за прв пат во соработка со Ј.П. „Билјанини Извори“ организира еден силен меѓународен реномиран турнир што што ќе претставува нова понуда во градот Охрид. За прв пат оваа година го организираме „Охрид Трофеј“ како настан на кој што охриѓани ќе може да ги видат во моментов најквалитетните екипи кои што функционираат на Балканските простори. Мене ми е особено задоволство што денес можам во име на покровителот на овој трофеј, градоначалникот Никола Бакрачески да ги поканам охриѓани да го посетат овој спектакл каде што ќе можеме сите заеднички да уживаме во мајсториите на кошарката во успешните потези на сите екипи кои што тука ќе учествуваат. Ова е дел од програмата за спорт која што Локалната самоуправа ја има зацртано, ние сериозно планираме во иднина да се посветиме на организација на вакви турнири во сите спортови, се со цел да овозможиме тука во Охрид да го вратиме стариот сјај и да вратиме многу познати екипи кои што охриѓани ги паметат во минатото, кои што доаѓале на подготовки, а се надевам и во организација на јавното претпријатие и Локалната самоуправа, ќе може да ги гледаме и на вака силни турнири“, – истакна секретарот на Општина Охрид, Димитар Спасески.
На прес конференцијата се обратија претставници на К.К. МЗТ Скопје (Р.Македонија) и претставници на К.К. Лукоил Академик – Софија (Р.Бугарија).
„Овие натпревари за нас се од многу големо значење, играме против силни екипи, а со тоа ќе направиме проценка каде треба повеќе да работиме, затоа сме благодарни за тоа што сме поканети овде во Охрид и се надеваме дека ова ќе биде еден силен турнир“, – истакна капитенот на Лукоил Академик, Тенчо Банев.
„Ние сме во една ситуација каде имаме тим со нов тренер, со нов концепт и со доста нови играчи. Не сме во целосен состав, но многу е важно во овој турнир да видиме до каде сме со нашата работа. Се надевам дека ќе се претставиме на најдобар можен начин на овој турнир во овој период на нашиот подготвителен период“, – истакна тренерот на Лукоил Академик, Оливер Костиќ.
„Задоволство ни е што ќе учествуваме на турнирот, пред се ова ќе ни биде добар тест за првенството, да видиме до кај сме, на што сме, што треба да поправиме во играта, па да ја започнеме сезоната во што подобро светло, да се покажеме пред македонската јавност“, – изјави играчот на МЗТ Скопје, Дамјан Стојаноски.
„Овој турнир прилично ќе ни помогне во понатамошната работа и предизвиците кои не чекаат во текот на сезоната. Ова е пријателски турнир, сите знаеме резултатот не е во прв план, но кога ќе започне натпреварот проработува адреналинот кај сите играчи, па така сите кои ќе дојдат да ги следат натпреварите ќе можат да уживаат“, – изјави тренерот на МЗТ Скопје, Влада Вукоичиќ.
Натпреварите започнуваат утре со почеток во 18:00 часот и 20:30 часот, а во сабота љубителите на спортот ќе ги проследат финалните натпревари во истите термини.
WebOhrid