Царинските службеници на граничниот премин Богородица спречија обид за шверц на голема количина свечени фустани.
На 21.09.2013 година во 02:00 часот на влез во Република Македонија на граничниот премин Богородица, пристигна патничко моторно возило со германски регистерски таблички, управувано од турски државјанин придружуван од сопатник германски државјанин. При рутински преглед на возилото, царинските службеници забележаа дека истото е полно со картонски кутии со стока, која лицата воопшто не ја пријавиле за царинска контрола. При детален преглед, пронајдени се вкупно 480 непријавени свечени фустани, спакувани во 18 картонски кутии, сместени во багажниот простор на возилото.
Откако биле откриени, во текот на службениот разговор двајцата сопатници изјавиле дека се деловни партнери, а во Германија имаат бутик за облека, дека фустаните ги набавиле во Турција и имале намера без документација да ја пренесат стоката до Германија, каде би ја продавале, но и дека одговорноста за прекршокот ја преземаат и двајцата.
Стоката е одземена, а против сторителите е покрената прекршочна постапка, согласно Царинскиот закон.