Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, во Охрид го отвори Советувалиштето за брак и семејство коешто функционира во рамките на Центарот за социјална работа и коешто е првото од најавените 11 советувалишта што ќе бидат отворени ширум државава.
Имено, семејството отсекогаш било и ќе остане темел и основа на нашето постоење, а услов за здраво и стабилно општество е здраво и стабилно семејство. Токму затоа, државата со Уставот и законите, обезбедува посебна заштитата на семејството, а Центрите за социјална работа, преку советодавната и тимска работа ги извршуваат работите сврзани со посебната заштита и помош на семејството. За жал, статистиката покажува дека темелот на општеството почнува да се разнишува, па така според податоците добиени од Републичкиот завод за статистика, бројот на склучените бракови во изминатиот период се намалува, додека бројот на разводите е во пораст. Ова ја наметна потребата од отворање на советувалишта како помош и поддршка за надминување на проблемите.
На отворањето министерот Спасов потенцираше дека: „советувалиштата ќе работат во две смени, со цел да бидат лесно достапни на граѓаните, а нивните услуги граѓаните да можат да ги користат во време кое на нив ќе им одговара. Советодавната работа ќе биде организирана регионално и во почетокот ќе бидат отворени советувалишта во поголемите центри за социјална работа, а упатувањето во овие регионални советувалишта ќе го прават центрите за социјална работа, по слободна оценка на стручниот тим на центарот кој работи со конкретниот предмет. Услугата што ќе ја даваат советувалиштата ќе биде бесплатна“.
„Советувалиштата ќе работат со родителите, со децата и заедно со родителите и децата, зависно од проблемите и потребите на конкретното семејство и зависно од оценката на стручниот тим, за начинот и пристапот на работа по конкретниот предмет. Ќе работат по соодветна програма која ќе се базира на задржување на бракот, разбирањето за детето во контекст на неговото семејство и заедница, при што ќе бидат вклучени и надворешните влијанија врз семејниот систем, внатрешните конфликти и комплексната динамика помеѓу членовите на семејството“, рече министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и додаде дека советувалиштата ќе даваат и услуги во однос на пред брачно советување, по желба на корисниците на услугите, како и во случаи кога малолетно лице сака да склучи брак.