Заврши шестата фаза од конзервацијата и реставрацијата на црквата „Свети Никола“ во село Косел

Со поддршка од Министерството за култура, реализирана  е шестата фаза од проектот за конзервација и реставрација на  архитектурата и на фрескоживописот на црквата „Свети Никола“ во село Косел.

Во текот на работата, во изминатите фази од проектот е извршена конзервација на архитектурата на овој сакрален објект, а етапно се работеше и на конзервацијата на вредниот фрескоживопис. Црквата, која  беше целосно распадната и за која постоеше опасност од рушење, е статички зајакната, направено е целосно препокривање, фугирање на отпадните делови, расчистен е околниот простор, а старите  врати на западната и на јужната фасада се заменети со нови, изработени од храстов материјал и соодветно декорирани. Во внатрешноста на црквата, пак, годинава се работеше на конзервацијата на оштетените фрески, особено на источниот ѕид од олтарскиот простор. Конзервацијата на фрескоживописот  продолжува и наредната година.

Црквата „Свети Никола“, која е значаен споменик на културата, датира од 15-от век и има специфична архитектура со мали димензии и со својот облик е сродна на повеќе еднокорабни цркви од околината на Охрид. Токму поради вредноста на нејзината архитектура и на нејзиниот фрескоживопис, таа е особено интересна за посетителите.

SvNikolaKosel02