Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска и министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, денес им доделија благодарници на македонските средношколци, кои освоија еден сребрен и два бронзени медали на 21-та Балканска олимпијада по информатика во Сараево, како и на учениците кои се вратија со бронзен медал од 25-та Интернационална олимпијада по информатика во Бризбејн, Австралија.
Климент Серафимов, Бојан Серафимов, Васил Кузевски, Филип Беџовски и Росица Дејановска, се натпреваруваа со свои врсници од 10 балкански земји и го постигнаа најголемиот успех за Македонија од областа на информатиката.
„Натпреварите по информатика претставуваат вистинска можност да се навлезе во тајните на програмирањето, да се подигне свеста кај младата популација за потребите на ИКТ индустријата во нашата земја, а воедно се и поттик за градење професионална кариера во областа на информатичките технологии“, – рече во своето обраќање заменик министерот Арсовска Томовска.
Таа додаде дека со учеството на врвни натпревари во програмирање и алгоритамско размислување, нашите олимпијци покажаа дека во Република Македонија има талентирани ученици кои се рамноправни со оние избрани од многу побројни нации.
„Пласман на ваква меѓународна олимпијада, значи и билет за студирање на најдобрите светски универзитети, а подоцна и гарантирана кариера во некоја од водечките македонски ИКТ компании или пак во некоја од најпрестижните светски компании како Google, Microsoft, IBM, Intel, Oracle, Facebook, Skype, Twitter“, – додаде Арсовска Томовска.
Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, истакна дека информатиката е многу значајна област чиј развој придонесува и за севкупниот развој на нашето општество.
„Токму затоа како Влада, продолжуваме и понатаму да инвестираме во подобро и поквалитетно образование, со интензивно воведување на информатиката како задолжителен предмет во образованието“, – рече министерот Ристовски.
Професорот Миле Јованов од Здружението на информатичари, додаде дека тој и средношколците ќе продолжат со понатамошна работа и ќе се стремат кон нови успеси и уште поголеми резултати.