Една бразилска територија е прва во регионот на Латинска Америка која ќе ја забрани продажбата на оружје-играчки, бидејќи Бразил се обидува да ја сузбие епидемијата на злочин, поврзана со употреба на огнено оружје.
Федералната област која го опфаќа главниот град на Бразил, Бразилија, започна со таква иницијатива, со цел да се намали бројот на убиства во таа земја.
„Промената на културата и насилството мораме да го започнеме од децата. Нашите деца ќе почнат да сфаќаат дека пиштолите не се играчки“, изјави секретарот на Федералниот секретаријат за правосудство, Алирио Нето.
Во Бразил, земја со повеќе од 200 милиони жители, минатата година се забележани 43 илјади насилни смртни случаи, од кои 73% се извршени со огнено оружје.
Иницијативата за забрана за продажба и производство на играчки пушки и пиштоли, е дел од владината програма за заштита на жртвите од насилство и е моментално единствена во Латинска Америка.
Од децата е побарано да ги остават нивните играчки (пушки и пиштоли) и наместо нив во рака да земат книга.
Бразилските власти на продавниците им дадоа рок од четири месеци, а на оние кои ќе имаат залихи од такви играчки, бидејќи нема да можат повеќе да ги продаваат, обезбеден им е соодветен паричен надомест.