ВМРО-ДПМНЕ: Денешното соопштение на СДСМ е неиздржано и служи за потсмев пред охридската јавност

Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати и ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид, во која стои:

„Денешното соопштение на СДСМ испратено до медиумите е неиздржано и служи за потсмев пред Охридска јавност. Свежи се сеќавањата на охриѓани од времето кога СДСМ буквално ги опустоши образованите институции во градов и ги доведе до дното.

СДСМ во Охрид со блокирани сметки, без ниту еден реализиран проект , без основни услови за настава, без огрев ги предаде охридските училишта на новата локална власт предводена од ВМРО- ДПМНЕ и градоначалникот Никола Бакрачески.

За голема жал и срам потсетуваме дека, СДСМ ги остави охридските основни училишта со долг од над 44 милиони 187 илјади денари а средните со долг од 33 милиони 183 илјади 890 денари или вкупен долг од 77 милиони 371 илјади денари кои сега ги плаќа и враќа локалното раководство предводено од градоначалникот Никола Бакрачески и ВМРО- ДПМНЕ.

За период од една година и неколку месеци колку што на власт е градоначалникот Никола Бакрачески до основните училишта од својот буџет Општина Охрид трансферира 16. 550. 645.00 а до средните 7. 910. 093. 00 денари. Паралелно на ова се работи на решавање на имотно правните односи на образовните институции во градов кои во времето на СДСМ беа тотално запоставени иако и тогаш претставуваа сериозен проблем.

Што се однесува до комбинираните паралелки во подрачното училиште во село Коњско уште еднаш за недоволно информираните од СДСМ кажуваме дека Општина Охрид предводена од градоначалникот Никола Бакрачески до Министерството за образование веќе има поднесено барање за ново финансирање односно вработување на нов наставен кадар со цел да се формираат две чисти паралелки во подрачното училиште во ова село. Но, затоа што во училиштето нема законски минимален број на ученици за формирање на чисти паралелки мали се шансите истите да се формираат. Ако законот налага формирање на чиста паралелка со минимум 24 односно максимум 35 деца, во ова училиште вкупниот број ученици од прво до петто одделение е 35 ученика.

Токму затоа поради малиот број на ученици и со цел да се работи согласно пропишаните закони наставата се следи во две комбинирани паралелки. Во едната паралелка наставата ја следат деца од прво , второ и трето одделение чиј број изнесува само 19 а во втората комбинирана има само 16 деца кои следат наставна програма од четврто и петто одделение.

ВМРО- ДПМНЕ ја разбира желбата на СДСМ по секоја цена макар и истата да е “смешна“ да се појавува на политичката сцена, но во исто време и апелира до СДСМ во иднина да се воздржува од пласирање на неосновани соопштенија кои оскудуваат со информации, и им порачува конечно да станат сериозен политички субјект кој би пласирал издржани соопштенија поткрепени со факти.

За тоа време ВМРО- ДПМНЕ работи и ќе работи на решавање на финансиските проблеми кои во образовните институции во Охрид ги остави СДСМ, работи и ќе работи на подобрување на условите за образование во училиштата, и во таа насока веќе обезбеди уредни, ново молерисани училници за децата кои пред се ќе бидат топли во зимскиот период што не беше случај во времето на СДСМ . Училиштата добија нови уредни санитарни јазли кои беа вистински “хорор “ и извор на болести и зарази во времето на СДСМ . Локалната Власт и ВМРО –ДПМНЕ реализираа и ќе реализираат многу други проекти кои се во насока на поуспешно образование.“- се вели  во реакцијата на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Охрид.