Владината делегација предводена од претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, вчера (среда, 25.09.2013 година), присуствуваше и се обрати на бизнис форум во Чикаго, на кој беа презентирани поволностите кои нашата земја ги овозможува за странските инвеститори. Бизнис форумот се одржа со поддршка на американската компанија „Денстон“, и на него учествуваа триесетина претставници на американски компании од областа на автомобилската индустрија, медицината, енергетиката, инфраструктурата и бизнисот со недвижности.
Премиерот Груевски во своето обраќање пред американските бизнисмени се осврна на поволностите за инвестиции кои ги овозможува нашата земја, а кои се огледаат во услужно ориентираната Влада, во пристапот до пазар од повеќе стотици милиони потрошувачи низ Европа за производите на странските компании кои функционираат во Македонија, на ниските трошоци и едуцираната работна сила.
Од една страна Македонија е земја која нуди најниски трошоци за водење бизнис во Европа. Од друга страна Македонија поседува млади и добро едуцирани луѓе кои се спремни да работат и придонесат за странските компании. Кога велам најниски трошоци за водење бизнис мислам на сите трошоци, а особено на даноците. На пример, персоналниот данок на доход е само 10 проценти, а данокот на добивка е исто така 10 проценти, и тоа само за компаниите кои ќе ја распределат добивката како дивиденда. Оние кои нема да ја распределат не плаќаат данок, неограничен број на години и за неограничени износ, изјави премиерот Груевски во своето обраќање.
На бизнис форумот се обрати и познатиот американски бизнисмен со македонско потекло Мајк Зафировски кој е еминентен член на американската бизнис заедница и претседател на одборите на директори на повеќе американски компании. Тој ги охрабри бизнис лидерите од Чикаго да ја вметнат Македонија во своите размислувања и анализи за проширување на бизнисите во Европа, давајќи силна гаранција околу условите за водење бизнис во нашата земја.
Прво прашање кое бизнисмените го поставуваат е каква е политичката стабилност и дали Владата дава поддршка на бизнисот, кои прашања може да ги поставите до Владата, дали може да очекувате соработка, и што може да очекувате од неа? Од мое лично искуство во последните седум, осум години можам да ви кажам дека Владата има многу голема про бизнис ориентација, многу од старите ограничувачки регулативи се отфрлени, има фискална и регулаторна стабилност и сите макроекономски индикатори, како што се инфлацијата и дефицитот се позитивни, истакна Мајк Зафировски пред бизнисмените од Чикаго.
Вицепремиерот Ставрески се осврна на конкретните полиња на интерес во економијата во кои американските бизнисмени можат да инвестираат. Тој го истакна напредокот на Република Македонија и на меѓународните листи кои ја оценуваат бизнис климата во земјите.
Министерот Веле Самак ги истакна позитивните ефекти од можностите за ангажирање на едуцирани работници кои придонесуваат во продуктивноста и профитабилноста на инвеститорите.
Директорот Висар Фида ги акцентираше можностите кои се нудат во технолошко индустриските развојни зони, и услужната ориентираност кон потенцијалните инвеститори на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот.
Американските бизнисмени присутни на настанот изразија позитивни оценки за македонските поволности и можностите за инвестиции кои ги нуди нашата земја.
Ваквите настани се исклучително потребни за фирми како нашите. Јас сум во бизнисот со еквити фондови, и на овој начин можеме да ги увидиме и разбереме условите во Македонија. Позитивно е што една земја носи министри за да се сретнат со бизнис лидерите во Чикаго и да разговараат и да се соочат со нив. Нема земја во Југоисточна Европа која прави толку многу за да го обезбеди економскиот развој и да покаже транспарентност за да се промовира како место во кое што сака западните компании да инвестираат, истакна бизнисменот од Чикаго Ендру Магличели од компанијата „Марун капитал груп“.
Владината делегација денеска ќе присуствува на бизнис форум во Бостон.