Во хотелот Белви во Охрид, деновиве се одржува Регионална конференција, посветена на дискриминацијата по основ на етничка припадност во нашата земја, со размена на искуства на регионално ниво. Во однос на претходните години, присутен е тренд на зголемување на претставките што се однесуваат на дискриминаторско однесување. При постапувањето по претставките, користејќи ги своите законски можности Народниот правобранител на институциите им има укажувано на забраната на сите облици на дискриминација, вклучително и дискриминацијата по етничка основа. Дискриминацијата е присутна во сите сфери на општеството, а особено по основ на етничка припадност.
Недостасуваат Информативно-едукативни кампањи за јакнење на свеста на граѓаните за појавните облици на дискриминацијата во нашето општество. Нашата статистика покажува дека во Република Македонија постои ниска свест кај граѓаните кога станува збор за дискриминацијата. Видот и обемот на дискриминацијата зависи од многу работи, меѓу другото, и од самото општество, од неговиот степен на развој, од културата, традицијата, религијата, како и од неговата економска развиеност. Оваа конференција има за цел да ги сподели сопствените искуства со државите од регионот.
Неопходно е што поскоро да се преземаат мерки од сите надлежни институции за ефективно спречување и заштита од дискриминација со доследно имплементирање на правната регулатива, а особено законските решенија на Законот за спречување и заштита од дискриминација, велат надлежните.
Посебно е важно да се истакне Спроведувањето информативно-едукативни кампањи за јакнење на свеста за доследно остварување на начелото на еднаквост на сите граѓани.
WebOhrid / Томчо Алексоски