„Подготовка за преговори на поглавјето 27:одредници“ е тема на семинарот што денеска се одржа во Скопје во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, со финансиска поддршка на Британската амбасада.
Министерството за животна средина и просторно планирање, како што истакна ресорниот министер Абдилаќим Адеми на отворањето на семинарот, во реализирање на својот врвен приоритет – исполнување на условите за пристапување кон ЕУ, интензивно работи на процесот на усогласување и спроведување на законодавството во областа на животната средина.
„Сепак, во овој процес утврдивме дека се уште постојат многу прашања кои треба да ги разрешиме и многу механизми и структури кои треба да ги воспоставиме за да бидеме целосно подготвени за преземање на обврските од членството во Европската унија“, рече Адеми.
Семинарот, појаси тој, е дел од проектот „Управување на пристапувањето кон ЕУ“, кој почна да се спроведува од јуни, за зајакнување на способноста на Министерството, на административните капацитети на засегнатите чинители и нивна ефективна подготовка за пристапните преговори за членство во ЕУ.
Министерот за животна средина и просторно планирање го нагласи значењето на соработката со сите чинители од Поглавјето 27 за животна средина, како основен услов за правилно воспоствување механизми на заедничка координација, во планирањето и спроведувањето на обврските што произлегуваат од процесот на пристапување кон Унијата.
„Со зајакнување на капацитетите на Министерството ќе успееме да ги направиме сите потребни чекори за пристапувањето кон ЕУ и дека Поглавјето 27 за животна средина и понатаму ќе ја задржи водечката позицијата во интегративните процеси во Македонија“, истакна Адеми.
Со идентификување и остварување на акциите се очекува исполнување на условите за членство на земјата во ЕУ, како и конкретно подобрување на состојбата со животна средина во државата.
Британскиот амбасадор во Македонија Кристофер Ивон подвлече дека колку повеќе се сработи пред пристапните преговори, тие ќе бидат понапред.