Агенцијата за храна и ветеринарство ќе го одбележи 28 септември – Светски ден на борба против беснилото

Агенцијата за храна и ветеринарство и оваа година се вклучува во кампањата за одбележување на Светскиот ден за борба против беснилото – 28 септември. Со цел подигнување на јавната свест на граѓаните за ризикот од болеста и преземање на мерки за нејзино спречување и ширење, голем број ветеринарни станици, ја поддржаа иницијативата на Агенцијата за храна и ветеринарство и овозможија попуст на вакцинацијата против беснило за домашните миленичиња, кучиња и мачки иницијатива која во рамки на оваа кампања, успешно се реализираше и во минатите години. Вакцинацијата со оваа акција, во период од 28 септември до 5 октомври ќе чини 250 денари.

По успешно изведените четири кампањи за орална вакцинација на лисиците преку авионско фрлање на мамки, на 28 септември ќе започне реализацијата на есенската, петта фаза, која според планираното треба да заврши до средината на октомври. Во овој временски период предвидено е на целата територија на Република Македонија да се фрлат 500 илјади мамки.

Три недели по завршување на акцијата за орална вакцинација на лисиците, Агенцијата ќе спроведе контрола за успешноста на истата, за што апелираме до ловните друштва, од почетокот на ноември, согласно склучените договори со Агенцијата, да извршат застрел на договорениот број лисици заради лабораториско испитување. Досега спроведената мониторинг програма за успешноста на досегашните фази од оралната вакцинација на лисиците против беснило, потврдува висок процент на успешност на акцијата за ерадикација на оваа болест, од која во светот годишно умираат повеќе од 50 илјади луѓе.

Од 2011 година кога стартуваше акцијата за сузбивање на беснилото во нашата држава потврдени беа 9 случаи на беснило, 8 кај диви животни (4 лисици и 4 волци) и еден случај кај домашна мачка. Досегашните резултати за Агенцијата за храна и ветеринарство, се дополнителен мотив за засилување на превентивните мерки во борбата за искоренување на оваа болест.

Оралната вакцинација преку авионско фрлање мамки, која почна во 2011 година и годинава ќе се спроведе со техничка и финансиска поддршка од Европската унија.

Поаѓајќи од фактот дека здрави животни значат здравје и за луѓето, Агенцијата за храна и ветеринарство ги повикува граѓаните масовно да се вклучат во оваа кампања и под поволни услови да ги вакцинираат домашните милечничиња.

Списокот на ветеринарни станици кои се вклучени во кампањата и каде ќе можете да ги вакцинирате миленичињата по цена од 250 денари можете да го преземете тука.