На втората седница на ЗКК од Прва Лига Мажи за сезоната 2013/14, одржана вчера во НОЕЛ во Гевгелија, клубовите го поддржаа предлогот на МКФ за вклучување на Репрезентација од млади македонски играчи како 10-та екипа во лигата. Репрезентацијата ќе се натпреварува надвор од конкуренција, а ќе игра против екипите кои треба да се слободни во колата.
Овој предлог, кој на денешниот Состанок беше изгласан од Здружението, ќе биде испратен на разгледување на следниот состанок на Управниот Одбор, а доаѓа како замена за правилото за задолжителен настап за млад кошаркар (до 20 години) кое беше активно во минатите две сезони во Првата лига.
Репрезентацијата ќе биде составена од млади македонски кошаркари, но без прецизна возрасна граница. Главната цел е воигрувањето на младите кошаркари во силната прволигашка конкуренција, за низ бројот на силни натпревари да се испирира поквалитетен развој на играчите кои во иднина би се промовирале во стандардни прволигаши и репрезентативци. Младите кошаркари и натаму работеле редовно со своите клубови, а би се собирале заедно непосредно пред одигрувањето на натпреварите. Стручниот совет на МКФ ќе го одбере тренерскиот тим кој ќе ги селектира и предводи во претстојната сезона од Првата лига.
Репрезентацијата, иако ќе игра редовни кола, ќе се натпреварува надвор од конкуренција, а за противник ќе го има тимот кој во соодветното коло треба да биде слободен. Резултатите од натпреварите кои ќе ги игра Репрезентацијата нема да се земаат во предвид при бодувањето во табелата.
Првата Лига Мажи ќе ја почне сезоната 2013/14 на 12 октомври со своето прво коло. Доколку изгласаниот предлог добие потврден одговор од Управниот Одбор, Репрезентацијата на своето прволигашко деби ќе се сретне со Карпош Соколи.