Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, по повод Меѓународниот ден на Бошњаците упати честитка до припадниците на Бошњачката етничка заедница во Република Македонија.
„Во мое лично име и во името на сите граѓани на Република Македонија, би сакал најсрдечно да ви го честитам 28 Септември, Меѓународниот ден на Бошњаците, и да ви посакам добро здравје, просперитет и благосостојба.
Република Македонија, како свој врвен приоритет го има поставено негувањето и почитувањето на различностите и претставува пример за највисоки стандарди во заштитата на културниот, етничкиот, јазичниот и верскиот идентитет на сите нејзини граѓани. Без присуството на граѓаните од бошњачка националност нашата земја ќе беше посиромашна за една специфична традиција и светоглед, која значајно ја збогатува нејзината мултикултурност.
Бошњачката заедница заедно со другите заедници искрено и неуморно го дава својот придонес во сите сфери на општествениот и културниот живот во нашата земја, придонесувајќи во градењето на демократска и економски развиена Република Македонија.
Ве уверувам дека и во иднина сите државни институции, но и секој поединец ќе остане посветен на натамошна промоција на бошњачката култура и традиција и во создавањето услови за поквалитетен и попросперитетен живот на сите наши граѓани.
Нека ви е честит големиот празник.“