Промовирани новите 100 полициски возила

Денес во кругот на МВР беа презентирани 100 нови полициски возила “шевролет спарк“ што годинава, односно по тендерската постапка од април годинава, беа набавени за потребите на секторите за внатрешни работи при МВР.

Министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска, притоа меѓу другото истакна дека набавените 100 нови  возила  кои се доста економични, со целосно вградена полициска опрема и кои од утре ќе бидат ставени во функција за потребите на полицијата на територијата од целата наша држава, значително  ќе  придонесат во зголемување на ефикасноста на полицијата.

Во рамки на тендерската постапка која што беше окончана со електронската аукција во на 16 јуни, беа пријавени четири понудувачи: “Автонова“ со возилото “Цитроен Ц1Х“, “Порше Македонија“ со возилото “Шкода Сити Гоу“, “Еуроимпекс“ со возилото “Пежо 107“ и “Авто Македонија“ со возилото “Шевролет спарк“. Како и во претходниот тендер при набавка на полициските возила, така и во оваа тендерска постапка единствен услов беше цената на која отпаѓаат сите бодови, односно јавната набавка му припадна на понудувач “Авто Македонија“ кој што конкурираше со најниска цена на електронската аукција во вкупна вредност од 45.353.800 денари. Инаку, возилата се во полициска изведба, односно четири резервни гуми, сингален уред за звучна и светлосна сигнализација, како и сервисирање на возилата за наредните три години додека трае договорот. Плаќањето пак предвидено да биде на 36 месечени рати во текот на важноста на договорот (три години), при услови со 0% учество при купување на возилата.

Исто така, како што МВР претходно ја информираше јавноста понудувачот е обврзан за минимум гарантен период на возилата: на мотор и подвозје минимум 36 месеци или 100.000 км; на надворешен лак  3 години и на каросеријата од корозија 12 години. Попуст од 30% на редовната цена на норма час. Покрај ова трошоците за одржување за сервисирање и потрошен материјал (замена на масло и филтер за масло на секои 10.000 км, замена на филтер за воздух, филтер за гориво и други потребни филтри согласно упаствата од производителот, 4 зимски/летни пневматици, едно дополнување на клима уредот со средство за ладење, за времетраење на договорот (36 месеци), исто така се на товар на понудувачот.