Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, во Њујорк, оствари средба со Генералниот секретар на Организацијата на Обединетите Нации, Бан Ки Мун.
На средбата се разговараше за активностите на Република Македонија во рамките на Обединетите Нации, соработката во остварувањето на поставените цели, и за процесот на разговори помеѓу Република Македонија и Република Грција за изнаоѓање на взаемно прифатливо решение околу наметнатиот спор помеѓу двете земји.
Премиерот Груевски истакна дека Република Македонија во целост ги поддржува поставените цели на Обединетите Нации и дава активен придонес во нивната реализација преку реализација на проекти на домашно ниво и преку поддршка на истите на мултилатерално ниво.
Премиерот Груевски побара од Генералниот Секретар Бан Ки Мун поголем ангажман и поголема и суштинска активност од страна на Обединетите Нации во процесот на изнаоѓање на решение за наметнатиот спор од Република Грција. Тој истакна дека е потребно да се зголеми интензитетот на средби на специјалниот претставник Метју Нимиц со претставниците на двете земји и да се засили динамиката на истите, со што би се надминал застојот и што би водело кон поголеми можности за изнаоѓање решение.
Премиерот Груевски истакна дека Република Македонија посветено и одговорно работи на решавање на спорот, притоа истакнувајќи дека решението на истиот како и дискусијата околу решението треба да се базираат исклучиво во склоп со предвидените резолуции и акти на Обединетите Нации кои го определуваат ова прашање, без проширување со теми кои не се во границите на резолуциите.
Премиерот Груевски го информираше Генералниот секретар за неговата иницијатива до грчкиот премиер за остварување на директни средби и подигнување на нивото на разговори на повисоко политичко ниво во насока на забрзување на решението на спорот.
Генералниот секретар Бан Ки Мун изрази позитивна оценка за придонесот на Република Македонија во реализацијата на целите на Обединетите Нации.
Тој посочи дека активно ги следи сите процеси и активности во рамките на разговорите за решавање на спорот помеѓу Република Македонија и Република Грција и редовно е информиран од медијаторот Нимиц за деталите од разговорите и позициите и ставовите и однесувањата на двете страни.
Генералниот секретар Бан Ки Мун изрази подготвеност за посилно и подиректно негово лично вклучување во процесот на изнаоѓање на взаемно прифатливо решение. Во оваа насока тој го информираше премиерот Груевски дека е подготвен да поведе иницијатива од негова страна за организирање на средби на високо политичко ниво помеѓу претставниците на Република Македонија и Република Грција во насока на забрзување на разговорите за решение на спорот, по што премиерот Груевски истакна дека Република Македонија во целост ја поддржува ваквата иницијатива на Генералниот Секретар и во секој момент е спремна да учествува во таквиот процес.
Двајцата соговорници разменија мислења и околу останати теми кои се значајни за меѓусебната соработка и мултилатералните прашања.