Организирани групи руски туристи од идната година доаѓаат во Охрид

Од идната година Охрид очекува Организирани групи руски туристи и воспоставување директни чартер летови од Охрид до Москва, беше заклучено на денешната средба меѓу претставниците на Секторот за Локален Економски Развој и генералниот менаџер на „7TOUR“ компанијата од Москва- Русија , кој е во неколкудневна работна посета на Охрид.

„Секторот за Туризам и Локален Економски Развој на руската делегација им ги предочи сите позитивни карактеристики на охридскиот туризам од аспект и надлежност на Локалната самоуправа. Позитивно би било кога Македонија би влегла како опција на сите туристички саеми , со оглед на тоа што ни беше посочено дека земјава а со тоа и Охрид, речиси и да не се познати за Русите. Ние ќе се потрудиме преку оваа соработка да овозможиме презентација на Охрид како туристичка дестинација. Како локална самоуправа веќе имаме конкретни чекори. Тука е подготовката на пропагандниот туристички материјал кој ќе се подготвува и на руски јазик. Се подготвуваме и за учество на најголемиот европски туристички саем во Москва“, – изјави по средбата раководителот на ТЛЕР , Ѓоко Апостолоски.

Денес е разговарано околу можноста Охрид да се промовира во најпознатата руска туристичка брошура „Полиглот“ која се печати во милионски тиражи, со цел да се овозможи влегување во рускиот пазар. 

Инаку од 11-ти до 14-ти ноември во Охрид ќе престојува 20 члена група на агенти а меѓу нив и главниот новинар на брошурата „Полиглот“.

ruskituristi4852