Претседавањето на Грција ќе биде искористено од страна на групата „Пријатели на Македонија“ за вршење притисок во форма на прашања за тоа зошто Атина го попречува проширувањето на ЕУ и не го почитува меѓународното право. Ова го истакна германскиот европратеник Мартин Кестлер на заедничката прес-конференција денеска заедно со неговиот естонски колега Туне Келам и со министерот за надворешни работи Никола Попоски.
Тој смета дека е срамно она што и се случува на Македонија и нејзиниот народ во однос на евроинтеграцијата бидејќи тоа што го прави Грција не е во склад со европските вредности.
Европратеникот Келам, пак, оцени дека се повеќе се шират пријателите на Македонија низ Европа и укажа дека нема безнадежни ситуации и нема место за депресија и цинизам. Вложените напори, посочи Келам, кои порано или подоцна ќе се исплатат.
„Судбината на Македонија е судбина на Европа која не е цела без Македонија“, рече естонскиот европратеник.
Тој го поздрави консензусот во вид на Меморандум потпишан од 17 партии во Собранието за единство во однос на стратегијата за евроинтеграцијата на земјата и во тој контекст порача дека со здружени напори ќе дојде до разврска.
Келам и министерот Попоски се согласни дека Македонија за половина месец ќе добие петти по ред позитивен извештај што сметаат е охрабрувачки во однос на ЕУ-интеграцијата.
На новинарско прашање дали постои механизам Грција да се принуди да седне на маса и да го реши спорот, Келам истакна дека не постои таков специфичен механизам бидејќи секоја земја-членка има свето право да не се согласува, но, вели, има момент кога квантитетот ќе премине во квалитет и кога мнозинството ќе рече доста е.
И Кеслер и Келам се дел од низата европратеници кои овој период ќе ја посетат Македонија давајќи и поддршка за евроинтеграциите во пресрет на објавувањето на извештајот на Европската комисија. Тие денеска ќе имаат средба и со премиерот Никола Груевски.