Општина Охрид: Токму тие кои создале долг без намера да го платат, упатуваат критики во работењето на Локалната

Во врска со соопштението на ВМРО-НП Охрид во кое беше повикана Локалната самоуправа да ги покрие патните трошоци на просветните работници, реакција испрати Општина Охрид во која стои:

„Партијата која во Охрид брои вкупно четири члена, од кој најмалку еден не е до крај сигурен во својата партиска определба, очајно се обидува преку соопштенија да се прикаже како релевантен партиски субјект. Доблесно е кога политички партии изразуваат внимание за одредени состојби во општественото живеење во Охрид, но иронично е тоа да го прават оние политички субјекти кои во своето осум годишно практикување власт во Охрид оставија финансиска пустош зад себе. 

Во својата реакција денес, ВМРО-НП се повикува на Меморандум за соработка помеѓу општина Охрид и Синдикатот за образование, наука и култура и преземањето на обврска на Локалната самоуправа за подмирување на патните трошоците за превоз на наставничкиот кадар во општината. Но, да ги потсетиме нив, а и да ја запознаеме јавноста, дека токму по таа основа само за една година, од страна на минатото општинско раководство во кое партиципираше ВМРО-НП општина Охрид има финансиски неисплатени обврски кон превозниците од точно 2.199.983,00 денари (со букви: два милиони сто деведесет и девет илјади и деветстотини осумдесет и три денари). Денес токму тие кои создале долг без намера да го платат, упатуваат критики во работењето на Општина Охрид. Доколку имале вистинска намера да им помогнат на наставничкиот кадар, тогаш е апсурдно да создаваат долгови кон превозниците и неподмирени обврски на локалната самоуправа. Тоа зборува само за нивната паушалност во размислувањата и обичен памфлетен однос кон општествените субјекти.

Новото раководство на општина Охрид и Градоначалникот Бакрачески немаат намера нереално да го оптеретуваат општинскиот буџет и со тоа да создаваат привидна слика на хармонија. Разговорите со Регионалниот совет на Синдикатот на образование, наука и култура за сите прашања, се поставуваат на реални и остварливи, а не на дневно-политички основи. Само со искрена намера, реално согледување на состојбите и взаемно почитување на обврските, може да се изнајде рационално решение за секое барање. Тоа од нас го очекуваат граѓаните и ние тоа ќе го испочитуваме до крај.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.