„На иницијатива на советниците на ВМРО – Народна партија, минатата година, Локалната самоуправа и Синдикатот за образование, наука и култура – Регионален одбор Охрид, потпишаа меморандум за соработа. Според тој меморандум двете страни се обврзаа, во духот на воспоставување на социјален дијалог да разговараат, преговараат и да се договорат за сите прашања кои се од нивна надлежност.
Како последица на овој меморандум, еден месец покасно, со решение, Општина Охрид се обврза дека ќе ги покрива патните трошоци на просветните работници на кои растојанието од местото на живеење до работното место им е над два километри. Се до крајот на минатата учебна година, на просветните работници им беа покриени трошоците за пат. Со тоа, Општина Охрид стана првата општина во Република Македонија која на ваков начин им помогна на работниците во образованието.
Од почетокот на оваа учебна година, професорите и наставниците превозот си го организираат повторно сами. Ја повикуваме Локалната самоуправа повторно да ги покрие тие трошоци за наставниот кадар во училиштата. Всушност, на тоа и е обврзана. Кратењето на патните трошоци претставува враќање еден чекор назад во процесот на образованието.
Исто така, го повикуваме регионалниот одбор на Синдикатот за образование, наука и култура да не биде во функција на владеачката партија туку да ги штити интересите на просветните работници, за што е и неговата функција. Синдикатот не смее да се употребува во политички цели, посебно не кога станува збор за цели на владеачка партија.“ – стои во соопштението од ВМРО – Народна партија Охрид.