Министерот Никола Попоски на меѓународниот Форум „Европска енергетска безбедност“ во Дубровник

Министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски на 3 и 4 октомври 2013 година учествуваше на меѓународниот Форум „Европска енергетска безбедност“,што се одржа во Дубровник, Република Хрватска. Традиционалниот Форум оваа година беше фокусиран на енергетскиот сектор кој има сѐ поголема улога во дефинирањето на меѓународната политика во 21-от век.

Форумот започна со воведни обраќања на претседателот на Република Хрватска Иво Јосиповиќ и на првиот потпретседател на Владата и министер за надворешни и европски работи Весна Пусиќ, кои што ја нагласија потребата за заеднички пристап и соработка во областа на енергијата и енергетската безбедност меѓу земјите во регионот, Европа, но и пошироко.

Во рамки на Форумот, на панелот на тема: „Европската енергетска безбедност и јужниот гасоводен коридор“, министерот Попоски имаше свое излагање заедно едно со своите колеги од регионот.

Тој притоа истакна: „Гасот и струјата денес се тоа што јагленот и челикот беа пред 60 години. Колку ќе ги поврземе преку граници, толку ќе бидеме стабилни и просперитетни во регионот“.

Во своето обраќање министерот Попоски исто така ја истакна важната улога во дефинирањето на енергетската политика во меѓународните односи, а зборуваше и за глобалната енергетска сигурност и воспоставувањето на контрола врз побарувачката и потрошувачката, како и за перспективите на обновливите извори на енергија.

Министерот Попоски се осврна и на политиките на енергетскиот сектор во Република Македонија, при што ја потенцираше поволната бизнис клима во нашата земја, а информираше и за гасификацијата во Република Македонија.

На маргините на Форумот, министерот Попоски оствари билатерална средба со министерот за надворешни работи на Република Турција, Ахмет Давутоглу.

За време на средбата, двајцата министри разменија мислења за повеќе аспекти од билатералната соработка, потенцирајќи го позитивниот тренд на успешни билатерални односи, потврден преку интензивните средби на високи официјални претставници на двете земји. Двајцата соговорници ја подвлекоа важноста од натамошно продлабочување на односите, со акцент на интензивирањето на економската соработка. Во однос на македонските аспирации за членство во евро-атланските структури, министерот Попоски се заблагодари на континуираната турска реафирмација за македонско членство во НАТО и поддршката на оваа земја во употребата на уставното имe на Република Македонија на билатерален и меѓународен план.

Министерот Попоски исто така имаше неформални разговори со министерот за надворешни работи на Кралството Шведска, Карл Билдт и со министерот за надворешни работи на Латвија, Едгарс Ринкевич, при што беше реафирмирана заложбата на Република Македонија во контекст на евро-атланските интеграции и објавувањето на престојниот Извештај на Европската комисија.