Потврдени одличните односи и соработката помеѓу Македонија и Обединетото Кралство

Продолжувањето на одличната соработка, реформските процеси во Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија како и придонесот на АРМ во меѓународните мировни операции за поддршка на мирот и безбедноста, беа темите на кои разговараа заменик-министерот за одбрана на Република Македонија, Емил Димитриев и досегашното и новопоставеното одбранбено аташе на Обединетото Кралство во Република Македонија, полковникот Филип Осмент и потполковникот Ричард Џон Пери на денешната средба во министерството.

На средбата заменик-министерот Димитриев се заблагодари за досегашната поддршка на Обединетото Кралство кон напорите на Република Македонија за интеграција во евроатлантските структури, како и за логистичката поддршка на мировниците на АРМ во силите ИСАФ, Авганистан.

Воедно, заменик-министерот ја потврди и отвореноста на Република Македонија за соработување на сите полиња, вклучително и можноста за користење на армискиот полигон „Криволак“ за обука на припадниците на вооружените сили на Обединетото Кралство.