Туристичка ќе добие подземни контејнери

Наредниов период охридската локална власт ќе работи на расчистување на Влезот од Охрид и средување на Булеварот „Туристичка“, истакна градоначалникот, Никола Бакрачески.

Деновиве  Охридски Комуналец ќе  го отстрани  отпадот  што  несовесните граѓани го фрлаат, на самиот влез од Охрид, непосредно пред депонијата „Мауцхер“.

„Овој простор наредниов период ќе биде осветлен со рефлектори. Со намера да се искоренат лошите навики на охриѓани, по акцијата на чистење просторот 24 часа ќе биде контролиран од двајца  комунални инспектори. Ќе се постават еластични браници и информативни табли со кои јасно ќе се укажува на  забраната за  фрлање  отпад пред влезот на Охрид“, потенцира Бакрачески.

Во насока на поубав Охрид, надлежните од Секторот за комунални дејности сообраќај и улици, по барање на градоначалникот ќе работат на отстранување на контејнерите за отпад од пешачките патеки на Булеварот Туристичка и нивна замена со подземни контејнери. 

Игралиштето за  кошарка  што е во непосредна близина на инфо-туристичкиот центар  на Булеварот „Туристичка“  ќе биде среден и доопремен со уште еден кош.