Македонија меѓу 10-те најдобри места за почнување бизнис во светот

Македонија е меѓу 10-те најпогодни земји за почнување бизнис, според најновиот извештај на Меѓународната финансиска корпорација и Светската банка, објави Си-Ен-Ен во делот „Гоинг глобал“.

Во извештајот е наведено дека Македонија е на петтото место како резултат на поедноставените процедури преземени во изминатите пет години за основање фирма, намалениот услов за минимум потребен капитал при основање фирма, намалените административни процедури и времето потребно за аплицирање и воспоставување електронски систем за поднесување документи.

Рангирањето опфатило 185 земји во светот. Први на ранг листата се Нов Зеланд, Австралија, Канада и Сингапур. По Македонија во 10-те најдобри дестинации за бизнис се Хонг Конг, Грузија, Руанда, Белорусија и Ирска.  

Делот „Гоинг глобал“ на Си-Ен-Ен е наменет за претприемачи кои решаваат да инвестираат на глобално ниво и разработува теми како што се бизнис стратегии за инвестирање, маркетинг и логистика.