По повод 100 години од Охридско – дебарското востание денеска во општинската зграда се одржа научен собир на кој учествуваа 13 научни работници, од трите државни научни институции. Станува збор за прво организирано одбележување на овој настан на државно ниво.
„Ова востание е битно затоа што за прв пат здружено, македонското и албанското население од Западна Македонија јавно го изразуваат своето незадоволство од потпишувањето на Букурешкиот мировен договор и доаѓањето на новиот српски окупатор во Македонија“, истакна во своето обраќање директорот на Државниот Архив на Македонија, Зоран Тодороски.
„Замислата ни беше на ова прво организирано одбележување на настанот, истото да остане во рамки на Македонија и македонските и албански историчари да го кажат своето мислење без меѓународно учество , со намера прво да се дадат некои аргументирани академски видувања на тој настан“, рече директорот на Институтот за национална историја Драги Георгиев.
„Денеска и утре во Охрид и Дебар за прв пат имаме прилика да ги соочиме нашите научници, Албанци и Македонци, и врз основа на факти и аргументи кои за прв пат ни се јавно достапни да ја презентираме вистината“, потенцира директорот на институтот за духовно и културно наследство на Албанците, Заколи Шефќед.
Ваков собир по повод 100 годишнината од Охридско – дебарското востание ќе се одржи и утре во Дебар.
Собирите се во организација на Институтот за национална историја (ИНИ), Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје (ИДКНА) и Државниот архив на Република Македонија (ДАРМ).