Општина Охрид се вклучи во акцијата „Македонија без отпад“

Во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање и асоцијацијата „Ајде Македонија“, денеска во Охрид се спроведе кампањата „Македонија без отпад“ која има за цел да допринесе за здрава и чиста животна средина и развивање на свеста кај граѓаните за правилно управување со отпадот.

Годинешната акција која беше поддржана од општина Охрид се спроведе на охридското Кале, каде екипи на  Ј.П. „Охридски Комуналец“  го исчистија потегот од паркингот кај Горна Порта до месноста Лабино, потегот околу Самоиловата тврдина и локалитетот Плаошник до црквата Св. Јован Канео.

Во акцијата  се вклучија и еколошките секции на општинските основни училишта „Св. Климент Охридски“, „Григор Прличев“, „Христо Узунов“ и „Братство Единство“ кои ги исчистија училиштните дворови.

Целиот отпад беше подигнат од екипите на Ј.П. „Охридски Комуналец“.

Вклучувањето во акцијата „Ајде Македонија“ нуди можност секој да придонесе кон решавање на едно од најгорливите прашања од областа на животната средина во Република Македонија.