Министерот за економија Ваљон Сарачини и заменик-министерот за транспорт и врски Џељаљ Бајрами денеска го посетија Дебар каде се запознаа со спроведувањето на проектите предвидени согласно програмата на Владата.
Посебен акцент беше ставен на реализацијата на проектите од патната инфраструктура кои треба да придонесат за забрзан локален и регионален развој.
Министерот Сарачини оцени дека е добро тоа што и на локално и на регионално ниво се чувствува раздвижување на економијата.
„Дебар е одличен пример на место каде природните ресурси се преточени во реален бизнис. Кога станува збор за инвестициите во регионот, минатата година врачивме лиценца за експлоатација на минерална суровина-подземни води на хрватскиот инвеститор компанијата Мали Лошињ, чија инвестиција ќе изнесува околу 5 милиони евра, а ќе донесе 80 нови работни места со отварањето на фабриката за вода, кое го очекуваме до крајот на оваа година. Да не ги заборавиме и концесиите на останатите минерални суровини, како на Кнауф Радика, Скопски легури, Дигипс и другите во регионов, чиј вкупен концесиски надоместок годишно изнесува околу 10 милиони денари, што претставува значаен финансиски импулс за општината“, истакна Сарачини.
Во делот на туризмот, според Сарачини, радува фактот што во бањите Косоврасти и Бањиште, попознати како Дебарски бањи-Цапа, кои располагаат со капацитет од 612 сместувачки единици, се бара место повеќе.
Заменик-министер за транспорт и врски Џељаљ Бајрами оцени дека сите ветени проекти од страна на Владата се во тек на реализација.
„Владата за ревитализацијата на регионалниот патен правец Дебар-Струга одвои средства во износ од 260 милиони денари, а 60 милиони денари за реконструкцијата на Мелнички Мост, кој е изграден пред повеќе од 40 години. За следната година ќе биде реализиран проектот одобрен од Владата и Еевропската инвестициона банка за водовод и канализација во градот, во вредност од 400 илјади евра“, посочи Бајрами.
Градоначалникот Ружди Љата смета дека со реализицијата на проектите поддржани од Владата, значително е подобрена патната инфраструктура во општината.