Во недела јавно избирање на 1600-те социјални случаи кои ќе бидат вработени

Портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев информираше дека проектот и процесот на вработување на 1600 граѓани на Република Македонија кои припаѓаат на социјално ранливи категории е во финална фаза и дека во недела ќе биде извршено компјутерско електронско рангирање на лица кои ги исполнија критериумите на огласот и кои ќе бидат вработени.

Владата овој процес го спроведуваше со голема транспарентност во секоја негова фаза, така и во оваа финалната. Лицата кои припаѓаат на четирите категории на социјално ранливи групи можеа да конкурираат транспарентно во ЈП „Македонски шуми“, а владините претставници повеќе пати информираа за бројот на апликанти, за движењето и текот на процесот, и за почетокот на поедини фази од процесот. На овој начин и со овој пристап на силна транспарентност се постигна целта овој процес да биде изолиран од можности за влијанија и протекционизам, односно да биде базиран на правичноста.

На огласот можеа да се пријават:

-долгорочно невработени лица со повеќе од 10 години без работа;

-лица од многудетни семејства;

-самохрани родители и еднородителски семејства и

-невработени лица од семејства каде нема ниту еден вработен.

За сите категории се предвидени по 400 вработувања, а во рамките на секоја група има вработувања за лица со ниски квалификации, за лица со средна стручна спрема, и за лица со високо образование.

Во недела на 6 октомври во емисија на МТВ која ќе биде во живо, односно ќе има директен пренос од 17 до 20 часот, компјутерски софтвер директно и пред очите на јавноста ќе го изврши рангирањето на прворангираните 1600 граѓани кои ќе се вработат.

Имено, компјутерскиот софтвер ќе биде наполнет со податоци за апликантите кои се собрани на три начини и тоа заради обезбедување на транспарентност и правичност на процесот.

Првиот вид на податоци се податоците кои самите апликанти ги навеле во пополнетите обрасци кои ги имаат доставено до ЈП „Македонски шуми“, и во кои ги наведуваат податоците и параметрите кои се побаруваат за секоја група.

Второ, специјализирани тимови на институциите вршеа и теренски посети на поедини апликанти со цел да ги утврдат веродостојноста и точноста на податоците кои беа наведени, а не можеа да се утврдат преку електронските регистри, во прв ред овде се мисли на бројноста на семејна заедница, бројноста на деца и слично.

Третиот вид на податоци се податоци кои државните институции, Управата за јавни приходи, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Агенцијата за вработување ги обезбедуваат по службена должност, преку водење на електронски регистри. Со овие податоци е извршена проверка на веродостојноста и точноста на податоците кои ги имаа наведено апликантите во своите поднесоци, што дава гаранција на процесот и на правичноста.

Сите овие податоци ќе бидат ставени во компјутерскиот софтвер и софтверот ќе го изврши рангирањето на лице место пред очите на јавноста. Лицата кои ќе бидат најдобро рангирани ќе бидат наведени по име и презиме. По емисијата во текот на следните денови сите апликанти ќе бидат и писмено известени за резултатите, односно дали се тие рангирани за вработување или не се.

Како што беше и најавено на почетокот на проектот, ќе биде водено сметка и ќе биде испочитувана правичната застапеност на етничките заедници во РМ во бројот од 1600 вработувања, во сооднос со учеството на етничката заедница во бројот на населението во државата.

Целиот процес е воден посветено и транспарентно, а рангирањето ќе биде со компјутерски електронски софтвер што дава гаранција на процесот. Сепак, лицата кои ценат дека имале право да бидат рангирани меѓу 1600 лица кои ќе се вработат, а не биле рангирани од софтверот, ќе имаат можност за жалба до второстепена комисија на „Македонски шуми“, како и право да поведат управен спор.

Лицата кои ќе бидат рангирани меѓу првите 1600 лица ќе бидат иницијално вработени во „Македонски шуми“. Понатаму дел од нив ќе останат да работат во „Македонски шуми“, а дел од нив ќе бидат преземени во други институции за што веќе Министерството за информатичко општество и администрација прави методологија врз основа на пријави од институциите за потреба од кадар во бројка и по однос на квалификации.

На овој начин, со вработување на 1600 граѓани од социјално ранливи категории, Владата исполнува едно ветување, и заради специфичната ситуација и положба на овие лица на пазарот на трудот и отежнатите можности за вработување дава поддршка за вработување на истите, тоа е на линија на социјалната правда и на правичноста.