Градоначалникот Бакрачески домаќин на почесните конзули на Македонија

Денеска во вилата  Света Софија, градоначалникот Никола Бакрачески  беше домаќин на  работна средба и ручек со 45 почесни конзули на Република Македонија од целиот Свет.

“Оваа средба ќе ја искористиме да го промовираме Охрид како културно и природно наследство на УНЕСКО. Да ги промовираме природните реткости и убавини, дел од нашата традиција, култура и историја  и секако да ги презентираме нашите потенцијали во делот на туризмот,  лесната индустрија и  земјоделството, како и околу  можностите за развој на медицински туризам и образовни дејности“, изјави градоначалникот Бакрачески.

Гостите презадоволни од средбата со охридскиот градоначалник рекоа дека  Охрид  плени со својата убавина.

„Охрид е прекрасно место, мислам дека секој кој ќе дојде тука веднаш се вљубува во градот. Нашиот интерес е насочен кон можностите за бизнис, пред се во областа на туризмот. Многу луѓе во Индија би сакале да инвестираат во толку убаво место кое има гостопримливи луѓе и природна убавина. Во мојата земја сите ја препознаваат Македонија по Александар Велики и Мајка Тереза. Јас сум од Калкута каде таа живееше и таму сите знаат дека Мајка Тереза е родена во Македонија“, истакна  почесниот конзул од Македонија во  Калкута- Индија, Сакши Агарвал.

Инаку, почесните конзули со претставници од Општина Охрид со брод крстареа  низ Охридското Езеро и се воодушевуваа од убавините на градов.

Pocesni_konzuli