Македонија е земја со стабилна економија, има политичка атмосфера ориентирана кон НАТО и ЕУ. Земја која веројатно ќе беше членка на НАТО и веројатно ќе беше пред влезот во ЕУ доколку немаше попречување од една земја членка затоа што Македонија ги исполни условите за членство уште во 2008, и за почеток на преговорите со ЕУ за полноправно членство во 2009 година.
Ова го истакна премиерот Никола Грувески во обраќањето на Вториот глобален инвестициски самит што се одржува денеска и утре во охрид во организација на „Македонија 2025“.
Груевски рече дека ваквите настани се можност да се затскрие од џагорот на дневнополитичките настани и да дебатира и размислува за економската визија на Република Македонија.
„Само визијата, зад која стои легитимна демократска поддршка и одлучната акција за нејзино преточување во реалност може да и овозможат на една држава побрзо и посигурно да зачекори на патеката на економскиот просперитет. Истовремено, како политичари изложени сме на силен притисок да испорачаме резултати во краток рок, за да ја зачуваме конкурентноста на сопствената политичка опција. Оттука, главниот предизвик е да се најде вистинксиот баланс меѓу краткиот и долгиот рок иако за волја на вистината, многу пати досега сме жртвувале некои краткорочни успеси во интерес на остварувањето на долгорочната визија за посилна и поконкурентна македонска економија“, истакна премиерот Груевски.
Тој додаде дека има многу аргументи во прилог на оваa теза и оти со многу работа, труд, посветеност и одговорен пристап, низ постојана и тесна соработка со компаниите и стопанските комори, прв пат е направено посериозно подобрување на позицијата на Република Македонија на индексот на глобалната конкурентност за 2013 година, потоа подобрувања се забележани во извештајот на Светска банка Дуинг бизнис во извештајот за Најдобри земји за водење бизнис на магазаинот „Форбс“, како и Индексот за економски слободи на Фондацијата „Херитиџ“.
„Подобрените рангирања се недвосмислено меѓународно признание дека во екот на светската економиска и европска должничка криза, континуирано спроведуваме многу повеќе реформи во споредба со други земји, чии влади исто така работат на подобрување на националната компетитивност“, рече Груевски.
Нагласувајќи дека Република Македонија стана карактеристична во деловниот свет, рече дека земјата во последните години забележа сериозен прогрес во делот на добра бизнис клима, како за домашните, така и за странските инвеститори.
„Карактеристично е тоа што е земја со најниски трошоци за правење бизнис во Европа, одлично образовен кадар, како и со најповолен даночен пакет“, рече премиерот додавајќи дека се уште најголем предизвик е невработеноста иако во исклучително тешки услови таа е намалена од превисоките околу 38 отсто во 2006 година на се уште високите околу 28 проценти. Според Груевски, тоа ќе остане во главниот фокус на Владата креирајќи мерки и политики за отворање нови работни места во Република Македонија.
Обраќајќи се пред присутните се осврна на иновациите за што рече дека се клучот за долгорочен успех на земјата.
„Само преку иновации може да се премине од категоријата средноразвиени во категоријата високоразвиени земји. Минатата година усвоивме стратегија за развој на иновациите 2012-2020. Веднаш потоа го донесовме Законот за иновации со којшто се предвидува формирање фонд кој деновиве треба да биде комплетно формиран со целосниот раководен тим. Во длабоки преговори сме за склучување аранжман со Светска банка која што ќе оддели 24 милиони евра за поддршка на овој фонд и воопшто на равојот на иновациите во Македонија. Во текот на првите три години, Фондот ќе има буџет од околу 8 милиони евра што е добар почеток. Исто така, Владата предвиде и веќе е воведен предметот „бизнис и претприемништво“ во втора година средно училиште, а во втора, трета и четврта година-бизнис иновации. И во наставните програми во основните училишта се воведени делови посветени на бизнисот и претприемништвото“, рече премиерот.
Потсети и на податокот дека за две години Македонија напредна листата на глобалниот индекс за иновации за 11 места и сега е на 51. Место. – Се разбира, тоа не не задоволува и ќе продолжиме да работиме за уште повеќе да се унапреди и да се даде шанса, мотив и поттик на повеќе луѓе да се занимаваат со иновации затоа што тоа се основните работи за движење на компаниите напред.Нема долгорочен успех без иновации, истакна премиерот Никола Груевски обраќајќи се на Самитот.
Главни теми на Вториот глобален инвестициски самит на кои денеска и утре ќе дебатираат 350 учесници – претставници на Владата и бизнис секторот, се конкурентноста на националната економија, стимулирањето иновации и промоција на човечкиот капитал како клучни фактори за развој на македонската економија.
Претседателот на „Македонија 2025“ Мајк Зафировски потенцира дека тоа се трите клучни елементи на кои треба да работи Македонија за да постигне економски развој. Истакнувајќи дека економскиот развоје најважен за иднината на земјата повика да изградиме посилна нација со добри политики, да поттикнеме странски инветиции и да поделиме искуства со националните компании и да отвориме можности за преприемачи и менаџери. Според него, за тоа е потребен агресивен пристап, кој го има и на овој Самит so цел да помогнат Македонијада се придвижи.
„Сакам Македонија да успее, да видам мотивирани фирми кои ќе усвојат иновации, да видам странски директни инветиции. Македонија да напредува на национално и регионално ниво“, потенцира Зафировски.
Претседавачот на самитот Зоран Мартиновски, рече дека Македонија има потенцијал да стане лидер во повеќе иновативни сектори, како ИТ, органското производство на храна и обновливите извори на енергија.
„Успесите на земји кои предводат со степенот на конкуреноста како Естонија. Литванија, Летонија не уверуваат дека големината на земјата не е пресудна. Тоа ни дава основана надеж дека доколку правилно ги искористиме ресурсите во земјата и ги насочиме луѓето, за кратко време Македонија може да го достигне растот на споменатите земји“, истакна Мартиновски.
Тој ги повика домашните компании да ги искористат можностите за соработка. Информира дека веќе се закажани 100-тина средби.
„Тука сме да покажеме дека македонските компании можат да бидат доверливи партнери за соработка и да поттикнеме извоз на произвоводи. Тука сме да ја повториме пораката која повеќепати ја испраќаат странските инвеститори дека вештините, талентот и сестраноста на луѓето во Македонија се нејзина значајна конкуреност“, рече Мартиновски.
Учесниците на самитот денеска ќе дискутираат за националната конкуреност како главен фактор за економоски развој, идентификување на конкуреноста во прворангираните индустрии, како и за глобално конкурени македонски производи.
На Вториот Глобален инвестициски самит во Охрид учествуваат претставници од 20 земји.