Македонски државјанин фатен во обид да прошверцува марихуана

Во рамките на оперативната акција „Таргет“ (која ја спроведува Секторот за контрола и истраги при Царинска управа во координација со граничните царински испостави) на 07.01.2015 година на граничниот премин Табановце – автопат од страна на инспекторите од Мобилните тимови и царинските службеници од граничниот премин, спречен е обид за шверц на околу половина килограм марихуана.

Имено, на 07.01.2015 година околу 17:15 часот на излез од Република Македонија на граничниот премин Табановце-автопат се пријавил автобус со македонски регистарски ознаки што сообраќал на редовна линија Кичево – Анзбах, по што бил селектиран за детален преглед. За време на прегледот користено е и царинско куче, со помош на кое во еден куфер сместен во багажниот простор од автобусот (за кој возачите изјавиле дека им го дало непознато лице на автобуската станица во Гостивар), во картонска кутија пронајдена е непозната материја од растително потекло со зеленкаста боја со тежина од околу 500 грама. При извршеното тестирање со тестер за дрога утврдено е дека станува збор за наркотична дрога марихуана.

По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги, се започна со оперативни дејствија за пронаоѓање и утврдување на лицата вмешани во кривичното дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. Царинските инспектори утврдија дека куферот до автобуската станица го донело и го предало на возачите, лицето А.Б. (18) од с. Врапчиште, по што истото е лоцирано на територијата на општината Врапчиште и преземени се мерки за негово приведување. Откако од Основниот суд Гостивар е побарана наредба за претрес на дом и други простории, во соработка со МВР извршен е претрес во домот на осомниченото лице но истиот не е пронајден. По опширната потрага на територијата на општината Врапчиште, осомниченото лице лоцирано е во угостителски објект во селото и лишен е од слобода од страна на инспекторите од Одделението за истраги.

Осомничениот е предаден во надлежност на Основниот суд, а Царинската управа до надлежното Основно јавно обвинителство поднесе кривична пријава за „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“.

6-V  marihuana j15