Градоначалникот Бакрачески ги поздрави учесниците на Глобалниот Инвестициски Самит во Охрид

На покана на организаторите на вториот Глобален Инвестициски Самит 2013, градоначалникот Никола Бакрачески беше почесен говорник на отворањето на Класичниот хуманитарен концерт.

Пред присутните градоначалникот Бакрачески ги истакна убавините на космополитскиот Охрид препознаен како светско природно и културно богатство на листата на УНЕСКО, град отворен кон светот и предизвиците кои ги носи денешницата.

„Мојот град почитувани, всушност претставува еден сеуште докрај неоткриен мозаик на природни,историски, културни и духовни вредности, во кој секое делче е засебна приказна и печат на цивилизациите и културите кои битисувале на овој простор. Универзалноста и безвременоста на креациите што ни ги оставиле бројните неимари, уметници, просветители и хуманисти низ историјата, денес по многу нешта Охрид го прават уникатен. Убеден сум дека духовната креативност и непресушното културно траење на македонските уметници, одамна се препознаени како уникатни творби на човековата цивилизација од нејзините почетоци до денешните дни. Верувам дека и денешниот концерт уште еднаш ќе го потврди македонскиот талент и високиот рејтинг на нашите уметници на светската уметничка сцена и ќе ни пружи нескриено задоволство“, – истакна градоначалникот Бакрачески.

На вечерашниот концерт градоначалникот Бакрачески оствари низа контакти со познати македонски бизнисмени во странство и накратко ги запозна со инвестиционата клима, потребата од економски развој на Охрид и зголемување на економските и финансиски перформанси.