Европа апелира за укинување на смртната казна

По повод 10 октомври, Светкиот ден на борба против смртната казна, министрите за надворешни работи од 42 земји, меѓу кои и македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, упатија апел за укинување на смртната казна.

„Правдата која убива не e правда. Убедени од својствената нехуманост на смртната казна, земјите потписнички претставени тука, се противат на нејзината примена под било кои околности и било каде во светот. Смртната казна не е само неподнослива навреда кон човековото достоинство, нејзината примена оди рака под рака со бројни прекршувања на човековите права на осудените и на нивните семејства. Згора на тоа, смртната казна нема позитивно влијание врз спречувањето на криминалот или безбедноста и на ниеден начин не ја поправа направената штета на жртвите и нивните семејства. Поттикнати од овие убедувања, ја користиме можноста што ја обезбедува одбележувањето по 11-ти пат на Светскиот ден против смртната казна, да ја потврдиме нашата неуморна посветеност кон движењето за укинување на смртната казна во Европа и во целиот свет.

Целта на нашето обраќање не е да делиме лекција, туку да го споделиме нашето искуство и воедно нашето убедување. Ако историјата на укинувањето на смртната казна во нашите држави не научила на нешто, тоа е дека патот е долг и тежок. Смртната казна не беше укината преку ноќ. Нејзиното укинување стана реалност само како резултат на подигнувањето на свеста и на постојаните колективни напори. Бројот на егзекуциите се намалуваше со упорност и  постепено, се намалуваше листата на кривичните дела казниви со смрт, правдата стана по транспарентна, фактички беше воспоставен мораториум на егзекуциите и конечно смртната казна исчезна. Ова е процесот низ кој мора да поминат земјите кои  се уште вршат егзекуција во името на правдата.

Определбата потребна за укинувањето на смртната казна мора да произлезе како од страна на државите, така и од поединците, а ова е исто така порака од денешниот заеднички апел. Патот кон укинувањето на смртната казна не беше инициран од страна на затворени општества, или земји отсечени од останатиот дел од светот. Тоа што смртната казна речиси е укината во Европа е заслуга на стручни дебати и интензивна размена на идеи меѓу нашите земји и општества.

Советот на Европа и Европската конвенцијата за човекови права делуваа како катализатори на овој регионален тренд ”подалеку од смртната казна”, дури и овозможија истиот да се прошири понатаму. Влегувањето во сила на Протоколот 13 на наведената конвенција (Протокол во врска со укинувањето на смртната казна во сите околности) пред 10 години претставува најдобар пример. Денеска ги претставуваме 42-те држави кои го ратификувале Протоколот 13 и ги повикуваме сите земји членки на Советот на Европа кои се уште не го направиле тоа да ни се придружат. Силно ја повикуваме последната држава во Европа која се уште ја применува смртната казна да се приклучи на глобалниот мораториум за смртната казна, како прв чекор кон нејзиното укинување.

Примерот на Европа ја отсликува клучната улога на регионалните и мултилатералните организации во унапредувањето на каузата за укинување на смртната казна. Укинувањето на смртната казна во многу американски, африкански и азиски држави го потврдува универзалниот карактер на оваа борба. Исто така, ја покажува потребата за силен политички сигнал, како и за вклучување на целото општество во овие напори. Во овој дух, мораме да се потсетиме на 5-от Светски конгрес против смртната казна што се одржа во Мадрид во јуни оваа година.  Денес се потсетуваме на овие начела затоа што влегуваме во една суштинска фаза во процесот на укинувањето на смртната казна во целиот свет. Денес, само 50 земји се уште ја дозволуваат смртната казна, додека пред 20 години беа двојно повеќе. Како што покажува Резолуцијата на Обединетите нации, поголемото мнозинство од државите подржуваат воспоставување на еден универзален мораториум за смртната казна. Овој позитивен тренд ни овозможува да замислиме дека идните генерации можат да живеат во свет без смртна казна и да не поттикнуваат во нашите заеднички напори за поддршка на земјите на патот до нејзиното универзално укинување“.

Дитмир Бушати (Албанија), Жилберт Сабоја Суње (Андора), Михаел Шпинделегер (Австрија), Дидие Рејндерс (Белгија), Златко Лагумџија (Босна и Херцеговина), Кристијан Вигенин (Бугарија), Весна Пусиќ (Хрватска), Јоанис Касулидис (Кипар), Јан Кохаут (Чешка), Вили Совндел (Данска), Урмас Пает (Естонија), Ерки Туомиоја (Финска), Лоран Фабиус (Франција),  Гидо Вестервеле (Германија), Евангелос Венизелос (Грција), Јанош Мартонји (Унгарија), Гунар Браги Свеинсон (Исланд), Имон Гилмор (Ирска), Ема Бонино (Италија), Едгар Ринкевич (Латвија), Аурелија Фрик (Лихтенштајн), Линас Антанас Линкевичиус (Литванија), Жан Аселборн (Луксембург), Никола Попоски (Македонија), Џорџ Вела (Малта), Наталија Герман (Молдавија), Жозе Бадија (Монако), Игор Лукшиќ (Црна Гора), Франс Тимерманс (Холандија), Еспен Барт Еиде (Норвешка), Руи Мачет (Португалија),  Титус Корлацеан (Романија), Паскале Валентино (Сан Марино), Иван Мркиќ (Србија), Мирослав Лајчак (Словачка), Карл Ерјавец (Словенија), Хозе Мануел Гарсија – Маргаљо (Шпанија), Карл Билт (Шведска), Дидие Буркхалтер (Швајцарија), Ахмет Давутоглу (Турција), Леонид Кожара (Украина) и Вилијам Хејг (Обединето Кралство).