Светскиот ден и неделата на борба против гладта ќе се одбележат со повеќе активности

 Црвениот крст-Охрид, во соработка со Локалниот совет на млади кој функционира од неодамна при Општина Охрид, започнува со низа активности, поврзани за одбележување на Светскиот ден за борба против гладта 16-ти октомври, и неделата за борба против гладта која започнува од 16-22 октомври, под мотото „ПОМИСЛЕТЕ И НА НАС“. Како што истакнуваат од Црвен крст-Охрид, акцијата, ќе опфаќа околу 100 социјално-загрозени семејства, на кои ќе им бидат доделени хуманитарни пакети, од кои околу 60 хуманитарни пакети со прехранбени производи ќе донира Локалната самоуправа при Општина Охрид.

 Од Локалниот совет на млади од Општина Охрид, велат дека активно ќе се вклучат во оваа акција на Црвениот крст – Охрид, организирајќи активности наменети за младите, а се со цел подигање на свеста на младите од Охрид на повисоко ниво, за солидарност и хуманост.

 Во овие хумани активности се вклучени и сите образовни институции од нашиот град, каде децата собираат храна за своите врсници на кои им е потребно тоа, а пакетите со прехранбените производи ќе им бидат врачени пред 7-ми ноември, Денот на ослободувањето на градот Охрид.

 Според податоците во Охрид има над 500 семејства кои се социјално-загрозени, со неподнослива живеачка. Активностите на Црвениот крст ги реализираат волонтери, кои несебично и активно помагаат и порачуваат што повеќе младите да се вклучуваат во вакви хумани дела за да помагаат на своите врсници, другари, како и на сите свои сограѓани на Охрид.

CrvenKrst2