Придонесот на Република Македонија во рамки на силите ИСАФ, како и можностите за иден придонес во рамки на мисијата на Алијансата по 2014 година, во поддршка на процесите за стабилизирање и демократизација на земјата, беа темите на кои денес во Кабул, Авганистан, разговараа министерот за одбрана, Талат Џафери и претседателот на Собранието на РМ, Трајко Вељаноски со заменик-командантот на силите, генералот-потполковник Џон Лоример и со најстариот цивилен претставник на НАТО во Авганистан, амбасадорот Мауриц Јохемс.
Воедно, во рамки на посетата на ИСАФ, министерот Џафери и претседателот на Собранието Вељаноски ги посетија и припадниците на македонскиот контингент во ИСАФ, каде на дело ги увидоа вештините, знаењата и професионалноста во извршувањето на задачите. Во таа прилика, министерот Џафери ги поздрави македонските мировници и им порача дека тие, со сето она што го прикажуваат ја креираат сликата за Армијата на Република Македонија, со што несомнено стануваат најдобрите амбасадори на Република Македонија во меѓународната заедница.
Во рамки на посетата, министерот Џафери ќе оствари средба и со министерот за одбрана на Авганистан, Бисмила Кан Мохамади, на која ќе стане збор за моменталната состојба во средно-азиската земја, како и за плановите за понатамошен развој и демократизација.
Во моментов Република Македонија во рамки на силите ИСАФ учествува со контингент од 155 лица распоредени на задачи за обезбедување на главната команда во Кабул, како и во состав на мешовитиот тим за обука. Првиот придонес на нашата држава кон стабилноста и мирот во меѓународни рамки започна токму во рамки на силите ИСАФ и тоа во 2002 година, кога симболично беа испратени 2 офицери како дел од турскиот контингент. Досега, Република Македонија во мисијата во Авганистан учествувала со над 2.400 мировници, што според глава на жител, е еден од најголемите придонеси во силите во Авганистан.