Предлози на МВР за измени во законодавството во областа на насилството на спортските терени

Министерството за внатрешни работи, изминативе неколку месеци изврши сериозни компаративни анализи на законодавството кое што го покрива насилството на спортските терени, но и ја анализираше состојбата во земјава особено по последните измени во законите. 

Врз основа на бројните консултации со спортските работници и стручните лица во областа, министерството изготви информација и ја достави до Владата, која по разгледувањето ги изгласа предложените заклучоци.

„Најпрвин, сметаме дека, согласно англиските искуства, неопходно е да се изврши дефинирање на посебните услови кои  треба да ги исполнат спортските објекти, опфатени со Законот за спорт. Тоа значи дека врз основа на тие услови ќе треба да се изврши реконструкција на постоечките спортски објекти, како и просторот околу истите, поради зголемување на безбедноста на посетителите“, – истакна министерката за внатрешни работи на Република Македонија, Гордана Јанкулоска, на денешната прес-конференција.

Оваа мерка би требала да опфати воспоставување на надворешен безбедносен периметар, ограда, околу спортскиот објект, воспоставување на посебни влезови и излези за гостински навивачи, воспоставување на посебни приоди до влезот за гостински навивачи на спортскиот објект, создавање на услови цела трибина или дел од трибина да биде посебно одвоена за гостински навивачи со заштитни средства за да може да се спречи фрлање на предмет, како и поставување на безбедни седишта на сите спортски објекти кои ќе бидат нумерирани.

Следна мерка која што би требала да биде преземена е изменување на Кривичниот законик и Законот за прекршоците на утврдување на санкција забрана за влез на спортски натпревар. Во таа насока, врз база на англиските, италијанските и хрватските искуства, Министерството ќе преземе обврска за изменување и дополнување на Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари.

Измените би имале целсоздавање на правна обврска за организаторот на спортскиот напревар за контролирана продажба на билети, што подразбира пред да се пуштат во продажба, да се оствари координација со МВР како и да се предвиди  можноста по барање на Полицијата од безбедносни причини организаторот да го ограничи бројот на влезници кои ќе бидат пуштени  во продажба и да го намали бројот во однос на вкупниот капацитет на спортскиот објект. Законот би требало да предвиди да се создаде  обврска за продажба на билети со документ за лична идентификација и водење на евиденција за продадени карти (со име, презиме и адреса, трибина, ред и седиште) и можност истата да се отстапи за користење за службени потреби по барање на МВР.

Исто така да се прошират надлежностите и овластувањата на редарската служба, како и да се утврди критериумот за тоа што ќе значи доволен број на редари кои ќе бидат ангажирани за обезбедување на спортскиот натпревар. Со Законот би требало да се воспостави евиденција во Министерството за внатрешни работи за лица на кои им е изречена мерка забрана за присуство на спортски натпревари, како и заострување на казнената политика, односно неовластеното влегување во спортскиот терен, употребата на огнотехнички средства, палење на државното знаме, а во зависност од понатамошните анализи и други недозволени поведенија да се пропишат како кривични дела, со можност за изрекување казна затвор. Со оглед на фактот дека сегашниот Закон не го третира прашањето на забрана за влез на лице кое е под дејство на алкохол или кое конзумира алкохол за времето од 2 часа пред натпреварот, истото треба да биде регулирано со цел полицијата да може во рамките на своите овластувања предвидени со Законот за полиција, да го спречи лицето кое е под дејство на алкохол да влезе во спортскиот објект.

Врз основа на англиското искуство неоходно е да се работи на јакнење на врската помеѓу спортскиот клуб инавивачите, преку заеднички програми за работа, но и да се предвиди создавање на  формално-правна поврзаност меѓу спортските клубови и навивачките групи со измена на Законот за спортот. Токму со Законот да се создаде обврска за регистрирање на навивачките групи, а спортскиот клуб да воспостави и води евиденција за навивачи од сопствениот навивачки клуб, додека Националните федерации би требале да воспостават евиденција за навивачи на репрезентација. На овој начин би се обезбедила поголема одговорност на клубот кон навивачите и обратно, клубот гостин би ги организирал патувањата, трасата на движење на навивачите во координација со Полицијата, би било одредено одговорно лице од клубот и редари кои ќе патуваат заедно со навивачите. За навивачките групи кои не биле уредно пријавени од страна на гостинскиот клуб, домашниот клуб да ја има можноста за истите да не дозволи влез на спортскиот објект, но обратно доколку истите се уредно пријавени и организирано донесени од клубот гостин домашниот клуб да биде должен истите да ги прими во спортскиот објект во процент од најмалку 10 % од капацитетот на спортскиот објект. За навивачките групи кои и покрај укажувањето на клубот, односно националната спортска федерација, самоиницијативно се организираат, се собираат и патуваат да се предвиди соодветна санкција.

„Исто така предвидуваме и преземање на социјални и едукативни мерки, посебно земајќи ја  предвид важноста на медиумите, со цел промовирање на спортскиот идеал, меѓусебното почитување и охрабрување за активно учество во спортот, што всушност е една и од целите на Европската конвенција за насилство и недостојното однесување на гледачите на спортските приредби, посебно на фудбалските натпревари, која меѓу другото ја има ратификувано и Република Македонија. Со ова се става акцент на превенцијата која треба да започне во текот на образовниот систем на младите“, – додаде министерката Јанкулоска.

Ова се сериозни мерки кои освен напорите на надлежните институции, бараат и одредени финансиски импликации кои дополнително ќе треба да се утврдат. До овие мерки дојдовме откако ја согледавме состојбата со насилтвото на спортските натпревари. Основна констатација е дека во Република Македонија е евидентна појавата на промена на однесувањето на навивачите. Имено, сé повеќе е видлива насилната страна во однесувањето на дел од навивачките групи. Тие со своето навивање не го истакнуваат само клубот за кој навиваат, туку и специфичноста на сопствената група, регионот, етничката, националната и верската припадност. Најнегативните аспекти на навивањетосе изразуваат кога навивачките групи во спортските објекти демонстрираат однапред подготвено сценарио за конфронтација со сите субјекти задолжени за спречување на насилството, уништуваат имот, напаѓаат лица кои не се навивачи, користат екстремен говор на омраза, а користењето на огнотехниката е само илустрација на нивната агресивност. За жал и одредени текстови и прилози во медиумите во некои случаи ја поттикнуваат тензијата помеѓу навивачките групи, со што непосредно се стимулира насилството и недостојното однесување на спортските натпревари.

Анализирајќи ги состојбите настанати при одржување на спортските натпревари во изминатите пет години, може да се констатира дека насилството и недостојното однесување е присутно во континуитет, при што на годишно ниво просечно се регистрирани по 17 инциденти или приближно по два во месеците кога има зачестени натпревари.

Имено, во овој период  инциденти се регистрирани при одржување на 81 натпревар,   а гледано по подрачја дури 61% се случиле во Скопје и Тетово. Притоа, може да се заклучи дека инциденти  најчесто се предизвикуваат при одржување на фудбалски натпревари-67%, кога играат фудбалските екипи „Вардар“-Скопје, „Тетекс“ и „Шкендија“ од Тетово,  како и при кошаркарски натпревари-25% од инцидентите, во меѓусебните натпревари на екипите на „Работнички Фершпед Скопје“,  „МЗТ Скопје“ и „Фени Индустри Кавадарци“.

За овие спортски натпревари биле ангажирани околу 6.500 полицајци, а при интервенција на полицијата, во 28 инциденти се повредени 69 полициски службеници. Во 11 од овие инциденти како и други 23 инциденти се оштетени 13  полициски возила,  50 цивилни возила и 11 автобуси.

„Тоа се огромни трошоци и огромна штета за полицијата, кои веруваме дека со измените во законите би можеле да ги надминеме во иднина. Дополнителен мотив за размислувањето во нова насока е фактот дека во однос на лицата кон кои се преземени мерки (вкупно 300 лица), само за 46, или за 15% е наведено дека се членови на навивачки групи, што значи дека во полициските служби недостасуваат податоци за членовите на навивачките групи.  Исто така, иако 50% од инцидентите се случуваат за време на одржување на спортските натпревари, не се добиени информации за пропусти во постапувањето на редарските служби, односно како забелешка за редарските служби  само се наведува  дека се ангажираат мал број на редари“, истакна Јанкулоска.