Преку активирање на месните и урбаните заедници – директна соработка со граѓаните на општина Охрид

Со цел што е можно поголема соработка со граѓаните, Општина  Охрид  по иницијатива на градоначалникот Никола Бакрачески, воведува нова практика во работењето на локалната самоуправа,  преку  избор на   нови тела- членови  на  советите  на  месните и урбаните заедници.

„Овој начин на соработка со граѓаните  во  иднина ќе го подобри не само функционирањето на општинските служби, туку и директниот контакт со граѓаните во донесувањето одлуки, претежно за проекти поврзани со локалната инфраструктура. Досега запоставените во одлучувањето, месни и урбани заедници, со формирањето на новите совети на месните и урбаните заедници ќе придонесат  во  зголемувањето на ефективноста на Општината во реализација на сопствената програма“, – истакнува Претседателот на матичната Комисија за месна самоуправа, Сашо Донев.

 Советникот  Сашо Донев, најавува зголемено ангажирање и нова форма на соработка на месните и урбаните заедници со Општина  Охрид.

„Ќе се придаде поголемо значење на сите предлози, идеи кои што директно  произлегуваат од жителите кои доаѓаат од Месните Заедници. Градоначалникот Никола Бакрачески, Советот, Општината и  Комисијата за месна самоуправа,  ќе му дадат значајно место во новиот начин на функционирање  на месните и урбани заедници“, потенцира Донев.

За таа цел почнувајќи од утре (14-ти октомври) континуирано во текот на  месеците октомври и ноември ќе се организираат собири на граѓани, најпрво во месните, а потоа и во урбаните заедници на кои што жителите од тие делови ќе ги изберат телата кои пак понатака ќе ги застапуваат нив.

Ова е форма за директен или непосреден начин на одлучување на граѓаните во општина Охрид, односно практицирање демократија на локално ниво.