Може да имате милион идеи, но сите се безвредни доколку не преземете нешто да ги реализирате. Можеби сакате да основате свој бизнис, да креирате нешто ново, и секогаш си велите дека не е вистинското време. Вистински момент не постои, треба сами да го создадете.
Ова им го порача министерот за економија Ваљон Сарачини на младите претприемачи денеска на прогласувањето на најдобрите бизнис планови во рамки на проектот – Натпревар за започнување на бизнис „Биди перспективен, започни свој бизнис”.
На проектот чија цел е поттикнување на претприемничкиот дух меѓу младите, преку подготовка на студентите и младите претприемачи за отворање сопствен бизнис, првата награда и чек од 330.000 денари доби Дане Тодоровски за бизнис планот „МЕО – Мрежа за електронски отпад“. Второнаградена е Аделина Селими за бизнис планот „Warlander“, за кој доби чек од 230.000 денари. Третата награда и чек од 140.000 денари му припадна на Блерант Рамадани за бизнис планот „In Safe Eco Energy“.
Групата автори на книгата „Патот кон сопствен бизнис“ му додели награда и на четвртопласираниот бизнис план. Тие одлучија средствата од наградата „Гоце Делчев“ во висина од 100.000 денари да ги доделат на Даниел Димов, авторот на четвртопласираниот бизнис план „MOBIDOONIA“. На сите наградени им беше доделен и ваучер за регистрација на фирма во Централниот регистар.
„Признанијата и наградите кои ви се доделуваат се охрабрување за отпочнување со работа. Целта можеби е пред вас. Затоа никогаш не кревајте раце и продолжете упорно за да ја реализирате вашата цел“, им рече Сарачини на наградените.
Тој истакна дека според анкетите околу 90 отсто од студентите од завршните години сакаат да се вработат во јавната администрација, а само 10 отсто да почнат свој бизнис. Во неврзан разговор со студентите, пак, како што нагласи, може да се види дека тие имаат многу идеи кои не можат да ги претворат во бизнис зашто нема кој да ги поддржи.
„Оваа награда во иднина ќе прерасне во традиционална, а проектот „Биди перспективен – започни свој бизнис“ ќе им помогне на младите да знаат каде да се обратат доколку имаат бизнис идеи за да успеат да ги преточат во бизнис план“, порача Сарачини.
Проектот, како што кажа, започна со реализација пред 1,5 година и првично на него аплицирале 106 студенти со свои бизнис идеи. Комисијата за евалуација одбрала 30 бизнис идеи за кои е извршена обука во 13 модули, како бизнис идеата да се претвори во бизнис план. Обуката ја вршеле еминентни експерти и професори.
Ректорот на Државниот универзитет во Тетово, проф. д-р Вулнет Амети ваквите проекти и нивното успешно завршување ги оцени како многу корисни.
„Токму проетите како „Биди перспективен, започни свој бизнис“ претставуваат натпревар на знаењето и иновативноста на кадрите кои ги произведуваат нашите универзитети“, рече Амети.
Проректорот за настава на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, проф. д-р Влатко Стоилков потенцира дека УКИМ е свесен оти само со нови бизнис идеи и иновации ќе има перспективна иднина.
„Со поддршка од бизнис заедницата и Владата, како и со учеаство на своите главни субјекти, студентите и кадарот Универзитетот ќе можеме да го ставиме во функција на стопанството и развојот на нашата држава… УКИМ денес има нова мисија – интензивен транспорт на знаењата на Универзитетот во општеството, поддржување на бизнис идеи и поттикнување на претприемничкиот дух кај студентите“, рече Стоилков.