На граничниот премин Деве Баир вчера, царинските службеници спречија обид за шверц на поголема количина огнено оружје, муниција и распрскувачки материи.
Вчера 13.10.2013, околу 15:00 часот, за излез од Република Македонија на граничниот премин Деве Баир се пријави патничко моторно возило марка „Опел Астра“ со грчки регистарски ознаки управувано од албански државјанин.
При преглeдот на возилото во фабричките шуплини од левата и десната страна на задните врати под тапацирот, како и во багажниот простор исто така под тапацирот, царинските службеници пронајдоа>
· 8 автоматски пушки,
· 4.696 куршуми за автоматска пушка со калибар 7,62мм,
· 20 рачни бомби „кашикари“,
· 1 пиштол марка ТТ и една рамка за пиштол со 8 куршуми калибар 7,62мм и
· 20 иницирачки каписли за активирање на експлозивни направи.
Во текот на спроведената предистражна постапка утврдено е дека осомичениот горенаведеното оружје го украл од воен магацин во Корча во 1998 година кога во Албанија имало масовни грабежи на воените магацини. Два дена пред да тргне кон Македонија, целото оружје, муниција и распрскувачки материи ги сокрил во фабричките шуплини од неговото возило, со намера истите да ги пренесе преку Македонија и Бугарија до Крит Грција. Осомничениот од 2002 година привремено престојувал и работел во Грција.
По извршеното вештачење од страна на МВР оддел за криминалистичка техника даден е вешт наод и мислење според кој:
· автоматските пушки и пушкомитралез претставуваат автоматски огнени оружја изведени врз база на руска автоматска пушка „Калашников“ АК-47 и истите исправно функционираат.
· рачниот пиштол спаѓа во групата на рачни огнени оружја-полуавтоматски пиштол со капацитет на шаржер од 8 куршуми со калибар 7,62 мм кој е во исправна состојба,
· експлозивните средства претставуваат рачни бомби кашикари од типот F1 со тежина од 600 грама и полнењеод 60г ТНТ и ефективно дејство на бомбата во радиус од 15-20 метри.
· куршумите претставуваат муниција за пушка со калибар 7,62мм наенета за испалување со автоматски и полуавтоматски пушки како и пушкомитралези со наведениот калибар.
Против сторителот, Царинската управа ќе поднесе кривична пријава за сторено кривично дело „Недозволено изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи“ до надлежното Основно јавно обвинителство во Куманово.