Честитка од претседателот Иванов по повод верскиот празник Курбан Бајрам

Претседателот на Република Македонија д-р Ѓорге Иванов по повод верскиот празник Курбан Бајрам упати честитка до Поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Сулејман ефенди Реџепи.

„Почитуван Реис Ул Улема Сулејман ефенди Реџепи, 

Дозволете ми Вам лично, на членовите на Ријасетот, муфтиите, имамите и на сите граѓани од исламска верисповед во Република Македонија да им упатам срдечни честитки по повод големиот исламски празник Курбан Бајрам.

Најискрено посакувам Курбан Бајрам да го поминете во добро здравје, радост, среќа и хармонија. И годинешново празнување нека биде во духот на помагањето и солидарноста, споделувањето и грижата. И овој Курбан Бајрам да им подадеме рака и да бидеме дарежливи кон помалку имотните и на сите на кои им е потребна поддршка.

Уверен сум дека Исламската верска заедница и сите нејзини верници, како нераскинлив дел од македонското општество, и понатаму ќе бидат активни чинители во градењето на соживот и разбирање помеѓу различните вери и етникуми во Република Македонија.

Да продолжиме заедно да работиме на добросостојбата на сите наши граѓани и да продолжиме да создаваме услови за просперитетна и развиена Република Македонија.

Нека Ви е честит Курбан Бајрам“.

д-р Ѓорге Иванов