Србија 5:1 Македонија

Во рамките на последното коло од квалификационите натпревари за Светското првенство во Бразил 2014, Србија на стадионот во Јагодина ја совлада фудбалската репрезентација на Македонија со 5:1.

Слабото издание на македонската репрезентација го искористи домаќинот-Србија и успеа да ја декласира нашата репрезентација, покажувајќи ни што претставува еден репрезентативен натпревар, и како се игра за државниот грб и покрај тоа што е последно коло, а шансите за пласман на Светко првенство одамна беа загубени.

Српската репрезентација поведе со автоголот на Ристовски во 16 минута, а само 3 минути подоцна во 19 минута Баста зголеми на 2:0. Коларов од пенал во 38 минута го зголеми резултатот на 3:0 кој беше актуелен на полувремето.

Во второто полувреме Србија продолжи да напаѓа и покрај предноста од три голови што ја имаше од првиот дел. Тадиќ во 54 минута го зголеми резултатот на 4:0, а Шчеповиќ во 74 минута го постигна петтиот гол за Србија. Адис Јаховиќ само една минута откако влезе во игра успеа да постигне гол во 83 минута и да го ублажи поразот на 5:1.

Со овој пораз, репрезентацијата на Македонија се најде на последното место од Групата А во квалификациите за пласман на Светското првенство во Бразил 2014 година, со само две победи и еден нерешен дуел.

WebOhrid