Aктуелните состојби, поддршката на Министерството за култура во реализацијата на проекти и идните насоки за развој на фолклорната дејност беа тема на разговор на денешната работна средба на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска со претставници на Сојузот на фолклорните ансамбли на Македонија (СОФАМ).
На средбата беше истакната големата грижа на Министерството за култура за развојот на фолклорната дејност како една од значајните културни вредности по што не препознаваат во светот.
„Имавме можност да разговараме за поддршката што ја даваме, за проблемите со кои се соочуваат културно-уметничките друштва бидејќи, сепак, фолклорот е навистина значаен сегмент од негувањето на нашата традиција, на нашите песни и ора, на сето она што ја отсликува македонската фолклорна и музичка традиција“, – изјави министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Според министерката за култура, зголемувањето на буџетот за фолклорната дејност овозможува реализација на разни манифестации, фестивали, концерти со учество на културно-уметничките друштва. Дел од средствата се наменети за набавка на нови носии, изработка на нови кореографии, теренски истражувања од областа на фолклорот, одржување на специјализирани семинари и за едукација. Особено забележително, рече таа, е зголемувањето на средствата за меѓународна презентација на изворниот фолклор, обичаите и традицијата изразено преку учество на фестивали и концерти надвор од нашата земја.
Претседателот на Комисијата за фолклорна дејност при Министерството за култура, Марко Китевски, рече дека фолклорот, песните заедно со обичаите и другите форми на народната култура се најдобар афирматор на нашата национална самобитност.
„Комисијата при Министерството направи класификација или подредување на ансамблите, на друштвата според одредени критериуми: број на години на постоење, број на членство, настапи на афирмирани фестивали, и врз основа на тие критериуми и образложените проекти се доделуваат средства“, – додаде Китевски.
Според уметничкиот раководител на ансамблот „Орце Николов“, Тофе Дракулевски, тоа што е Бразил во фудбалот, Македонија е во фолклорот.
„Македонскиот фолклор, односно ансамблите кои го презентираат каде и да отидат на светските фестивали каде што има натпреварувачки карактер, речиси секојпат се меѓу првите три ансамбли. Тоа значи дека Македонија има многу квалитетен фолклор. Тоа е гордоста на Македонија, затоа тоа треба да се негува, поддржува и колку што е можно помага“, – додаде Дракулевски.
На средбата беа посочени и одредени проблеми со кои се соочуваат културно-уметничките друштва, како што е недостигот од стручен кадар – етнокореолози, етномузиколози, како и просторни проблеми.
Токму од тие причини, а во насока на унапредување на фолклорната дејност, Канческа-Милевска побара интензивирање на соработката и дејствувањето на СОФАМ со фолклорните ансамбли за решавање на проблемите на кои наидуваат, посредување во организирање и обезбедување турнеи, носии и инструменти и слично.
Канческа-Милевска посочи и на потребата од зголемена соработка со локалната самоуправа заради обезбедување соодветен простор за работа на друштвата, финансиска поддршка на проектите, како и можноста за користење на европските фондови кои се достапни преку претпристапните програми за култура.
Таа истакна дека Министерството за култура и во иднина ќе ги поддржува развојот и унапредувањето на фолклорната дејност за да се обезбеди соодветно високо ниво во промоцијата на македонската култура во светот.
Во Република Македонија постојат и активно дејствуваат околу стотина културно-уметнички друштва кои ја негуваат фолклорната игра, песна и традицијата на регионите од каде што потекнуваат.