Македонскиот шампион останува без победа на гостински терен сезонава, откако на гостувањето во Хрватска против големиот фаворит Цедевита, загуби со 77-67. Дополнителен проблем за тренерот Влада Вукоичиќ е повредата која ја заработи Кејд Дејвис на средбата во Загреб.
Цедевита водеше во текот на целиот натпревар, а со победата од 77-67 над МЗТ Скопје, остана единствениот засега непоразен тим по четири кола во АБА лигата. Во првата четвртина, разликата се движеше постојано околу пет поени, а Ѓорѓи Чековски беше ударната сила во македонскиот состав, одржувајќи ја негативата достижна. Предводени од расположениот Зубчиќ, домашните кошаркари на средина на втората четвртина за прв пат поведоа со двоцифрен број на поени (31-20), но веднаш следуваше серија од 8-0 на МЗТ, па на полувреме се замина со резултат 40-34.
Уште во тоа прво полувреме, Кејд Дејвис поради повреда мораше да ја напушти играта, оставајќи го во проблеми тренерот Вукоичиќ, имајќи во предвид дека Дамјан Стојановски и натаму е надвор од терените поради повредата на дланката. Стефан Синовец добро го почна второто полувреме со пет коша во серија и намали на 40-39, а на средина од третиот период, тројката на Чековски го изедначи резултатот на 46-46. Сепак, следуваше серија на Цедевита од 13-0, за нова висока разлика, а во еден момент од последнта четвртина домаќинот поведе и со 17 поени разлика. МЗТ успеа да ја ублажи предноста до крајот, но не можеше посериозно да се закани на водството на домаќинот.
Ѓорѓи Чековски со 23 поени и 4 скокови беше најдобар поединец кај МЗТ, каде уште двоцифрен број на поени постигна Стефан Синовец. Кај Цедевита, Нуркиќ и Зубчиќ беа предводници на победата со искомбинирани 28 поени. Во наредното петто коло, МЗТ на домашен терен ќе го пречека Партизан, со учинок од две победи и два порази по првите четири натпревари.