Најголемите пожари во Австралија допрва доаѓаат

Австралиската противпожарна служба предупреди дека Нов Јужен Велс треба во наредните денови да се подготви за најлошата комбинација на високи температури и силен ветар, што би можело да резултира со најголеми пожари во последните 40 години.

Пожарот кој избувна на почетокот од минатата недела, а дополнително го засили силниот ветар, досега уништи над 200 куќи, а 120 се прилично оштетени.

Премиерот на Нов Јужен Велс, Бари О’Фарел прогласи вонредна состојба во таа држава, а во некои подрачја се спроведува евакуација на населението.

За време на викендот временските услови беа за нијанса поповолни за пожарникарите, но веќе од наредните денови временската прогноза очекува нов пораст на температурите и ветар кој ќе може да достигне брзина и до 100 километри на час.

Пожарите се вообичаени за Австралија за време на летните месеци, од декември до февруари, а експертите прогнозираат уште полоша ситуација оваа година со оглед на тоа што зимата беше сушна, а се очекува многу жешко лето.