Управувањето со промените е храбра и машка работа. Особено кога тоа се прави со една општина која речиси сета независност ја помина во владеење и во владение на една сосема спротивна политичка опција за што и не беше баш во подемните и напредни општини. Денес, по само неколку месеци промени, состојбата со „борбена“ Дебрца е навистина поинаква. И навистина се води борба за брз напредок и за фаќање чекор со модерното време со современите барања. Овие позитивни промени во Дебрца се и наш повод да разговараме со првиот човек, со таткото на општината, со г. Игор Трајкоски, новиот градоначалник на општина Дебрца.
WebOhrid: Господине Трајкоски, во овој краток период откако вие сте на чело на општината, за Дебарца се слуша секојдневно и насекаде преку речиси сите локални и национални медиуми. Активностите Ви се очигледни. Задоволни ли сте вие лично од сработеното? Кој е индикаторот на Вашето задоволство, што Ве мотивира вака да ја активирате и да ја раздвижите општината, особено општинската администрација?!?
Трајкоски: „Општина Дебрца претставува еден од најубавите предели од Република Македонија, територија која изобилува со богата природна убавина со богата историја и минатото оттука е пројавена и потребата за презентација на Општина Дебрца низ локалните и националните медиуми. Кога станува збор за мојот ангажман во Општина Дебрца и активностите кои секојдневно се спроведуваат морам да напоменам дека јас и мојот тим целосно сме посветени за имплементација и реализација на предвидените проекти кои се во интерес на жителите на Општина Дебрца. Лично јас сум задоволен согледувајќи го задоволството на моите сожители, но секогаш се може и подобро и повеќе. Со ништо неможе да се замени задоволството кога ќе согледате дека луѓето ги гледаат реализирани вашите Ветувања и тоа ми дава дополнителен мотив да се работи уште подобро. Неизоставен дел за реализација на предвидените планови секако дека е и професионалната и ефикасна општинска администрација“.
WebOhrid: Општина Дебрца е една од помалите општини во Република Македонија, иако територијално, таа зазема несразмерно голем дел квадратни километри. Успеавте ли досега да ја прокрстарите и кажете ни: каква состојба утврдивте, дали оттука и ги поставивте Вашите приоритети? Кои се, всушност, Вашите приоритети за подобрување на состојбите?!
Трајкоски: „Општина Дебрца има околу 55оо жители, но располага со околу 50 км должинска територија. Она што е примарно е согледувањето на проблемите со кои се соочуваат жителите на Општината, се разбира дека е направен целосен скрининг на состојбата во Општината и започнавме со реализација на потребните зафати како подобрување на локалната инфраструктура, водоводната и канализационата мрежа, подобрување на условите во образовниот систем, подобрување на комуналните услуги и многу други работи. Мора да се напомене дека состојбата во Општината после направениот увид беше далеку од очекуваната во негативна смисла. Затоа со забрзани чекори се започна со реализација на приоритетите за што побрзо и подобро да се остварат потребите на жителите на Општина Дебрца за подобро секојдневие“.
WebOhrid: Во советот на општината мнозинството е на Ваша страна. Значи ли тоа дека нема потреба да го консултирате малцинството за Вашите политички потези!? Или?!
Трајкоски: „Како и во секоја друга Општина така и во нашата Советот е место за дебатирање, место каде што се изјаснува ставот на претставниците на политичките партии и во рамки на демократските процеси да се гласа за одредени предлози. Секој си сносува одговорност за своите постапки, а најголем показател за тоа дали работите се движат во права насока е народот а досегашните дејствија на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ покажува дека народот е задоволен од нашата работа со што мотивот за работа ни станува поголем“.
WebOhrid: Колку е конструктивно посветена опозицијата и имате ли добра кохабитација со нивните претставници: со претседателот на локалниот огранок на партијата или со координаторот на нејзините советници?!
Трајкоски: Кога имате јака и конструктивна опозиција тогаш тоа е добро и за нас како позиција. Но кога имате опозиција која во секој наш потег, во секој наш реализиран проект наоѓа можност неосновано да критикува само за да ја има во јавност и да се обиде да придобие некој ситен политички поен, тогаш не би можел да зборувам за добра кохабитација. Замислете, се реагира за чистењето на патиштата низ Дебрца како и за поставените македонски знамиња. Ние ја разбираме желбата на новиот претседател на ОО СДСМ Дебрца за негово покажување имајќи го во предвид неговото политичко минато, но исто така мора да се знае за политичка култура и политички морал. Последно со што бевме згрозени е употребата на фотографии на деца од пред школска и школска возраст од нивна страна за партиска реакција. Мислам дека нивото на политичка култура мора да биде на подостоинствено ниво во секојдневните преписки.
WebOhrid: Дебрца и досегашното нејзино раководство не оставија во изминатиов период не барем препознатлив белег, ниту во работењето на инфраструктурата, а уште помалку во општењето со граѓаните. Можете ли уште сега да ни ветите по што ќе биде препознатлива Дебрца по четири – пет години?! Колку сте подготвени да го остварите сето тоа, финансиски, кадровски ?
Трајкоски: „Дебрца е општина која поседува потенцијал да биде една од најразвиените општини во Република Македонија. Ова не се празни зборови туку планови за да се достигне таа цел. Мора најпрвин да ја презентираме Дебрца во сите области, како место за туризам имајќи ги во предвид природните убавини, плажи и сл, место за селски туризам имајќи ги во предвид убавите села низ Дебрца, планински туризам имајќи ги во предвид планините и сл, како место за нови индустриски зони имајќи во предвид дека неопходна е таква зона со што ќе се допринесе за зголемен процент на вработеноста на жителите на Дебрца, како место кое ќе биде лесно достапно за сите имајќи во предвид новиот автопат кој ќе се гради помеѓу Охрид и Кичево, а да не заборавиме дека во Општина Дебрца се наоѓа и аеродромот Св. Апостол Павле. Исто така сметам дека во рок од неколку години Дебрца ќе зајакне и инфраструктурно, покрај соодветни патишта и улици ќе се изградат и мотели и сл. каде што ќе можат да престојуваат туристите. Покрај туризмот и индустријата преку соодветни програми кои веќе започнаа да се користат и се овозможува и земјоделството и сточарството како примарни гранки низ минатото на Дебрца уште повеќе да се развијат. Сите овие планови се остварливи за наредните четири до пет години, јас цврсто верувам во тоа бидејќи дел веќе се започнати со имплементација. И како што наведовте во прашањето мене навистина ми е жал што претходната гарнитура воопшто не направи видливи резултати во наведените области иако повеќе од деценија и пол беа на власт“.
WebOhrid: Која порака би им ја оставиле на граѓаните на Дебрца?
Трајкоски: „Со жителите на Општина Дебрца сум во секојдневна комуникација и тоа секогаш ќе остане така, бидејќи жителите се главен коректор на целокупната наша работа. Впрочем поради жителите на Општина Дебрца ние работиме, за нивно подобро секојдневие. Нивното задоволство е мотив да продолжиме понатаму со уште позабрзано темпо за остварување на сите ветувања кои ги дадовме во изборниот циклус. Но, не само ветувањата да бидат остварени туку и голем број на други проекти кои не беа дел од изборната програма.
Како моја порака кон жителите на Дебрца ја препуштам мојата досегашна работа како градоначалник на Општина Дебрца како показател дека моменталната Локална власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ има јасна зацртана цел, а тоа е просперитетна, развиена и богата Општина Дебрца“.
WebOhrid: Во изминатиов кус период видовме видни министри од Владата во посета на Дебрца. Каква е соработката со Централната Власт? Може ли Дебрца да се надева на поголема финансиска поткрепа за планираните проекти на градоначалникот?!
Трајкоски: „Соработката со Владата на Република Македонија е на највисоко ниво. За тоа сведочат и бројните посети на министрите кои ја посетуваат Општина Дебрца и со голема заинтересираност пројавуват желба за што поголема соработка. Развојниот процес на Општина Дебрца мора да биде консолидиран и во целост синхронизиран со владините проекти. Во тесна соработка со министерствата како министерството за култура пред се за културните дејности и археолошките поставки, Министерството за образование за отворање на нови училишта и игралишта, со Министерството за Внатрешни работи и др. се обидуваме да направиме целосно консолидирање и воведување на што поефикасни стандарди во делувањето на Општина Дебрца. Секогаш е потребна финансиска поткрепа за реализација на проекти за да се дојде до тоа најпрвин треба добра соработка што Општината Дебрца со Владата на Република Македонија ја има во целост“.
WebOhrid: Игор Трајковски пред 7-ми април 2013 и Игор Трајкоски – денес. Се променија многу работи по овој датум. Колку се промени Игор Трајкоски оттогаш до денес?! И ако да, тогаш: колку политичарот, градоначалникот Игор Трајкоски му го узурпира слободното време на граѓанинот Трајкоски Игор?
Трајкоски: „7ми април е датум кој е цврсто врежан за мене, со оглед дека направивме би рекол историски момент кога во Општина Дебрца после 16 години успеа ВМРО-ДПМНЕ да дојде на власт. Од тој ден јас сум градоначалник на Општина Дебрца и на сите жители без разлика на нивната политичка провиненција. Како личност не би рекол дека сум се променил, освен во делот на слободното време кое воопшто го немам или го користам во мали секвенци, со оглед на секојдневните активности околу градоначалничката функција. Општина Дебрца е мала во однос на жители и оттаму можам да кажам сите се знаеме и препознаваме, тоа е факт кој не го занемарувам и секогаш пронаоѓам време за консултации и разговори со жителите на Дебрца. Можам да кажам дека политичарот Игор Трајкоски е подоминантен во текот на едно деноноќие, но пред се слободното време што го имам го користам за семејството и пријателите, а најмногу ги сакам прошетките со мојата ќерка која има една година и шест месеци“.
WebOhrid