Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид, за вработувањата во администрацијата, со реакција излезе Општина Охрид во која стои:
„Легитимно е правото на ОО на СДСМ да реагира на одредени активности што ги презема локалната самоуправа и градоначалникот Никола Бакрачески, само што тоа треба и мора да го прави со проверени факти, прецизни формулации и барем малку политички усул. Формулацијата дека „новата организација и систематизција на работни места се прави од осветољубиви причини“, не држи место од повеќе причини (покрај јазичните: македонски – одмазда = српски освета): За каква „освета“ се огласуваат од СДСМ? Белки не сметаат дека Локалната самоуправа им се осветува на оние неколку стотици луѓе кои земаа плата во мандатот на Александар Петрески, а кој никој жив не можеше да ги види и пронајди на работното место!? Фантомски вработени лица, од кои најголем дел, со доаѓањето на новиот градоначалник, сами побараа да си заминат од работа.
Какви прашања поставуваат од СДСМ, играјќи со произволни бројки за бројот на ново вработени во општинската администрација, кога се знае дека само 2 лица (и со букви две) се вработени според конкурс, а сите други се „вработени“ во општинската администрација со волонтерски договори. Стручни и компетентни кадри, кои со својот ангажман ги покриваат пропустите на оние кои „земаа плата и нишаа врата“ во мандатот на Александар Петрески.
И за крај, веројатно ОО на СДСМ треба да се координира со своите советници, за овие да им кажат во партиското седиште (кај и да е тоа во моментов – кафеана, јавен простор и сл.) дека и тие гласаа за новата организација, а систематизацијата допрва ќе следи. Европските критериуми и стандарди ќе бидат максимално инкорпорирани во се што ќе работи локалната самоуправа, па и во систематизаицијата на работните места, а не како што практикуваше СДСМ врз база на „стручна анализа“ од разно – разни брачковци и слични ес-де-ес експерти.“ – стои во реакцијата од Општина Охрид.