Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски одржа состанок со претставници од Светската банка и од специјализираната компанија за реосигурување ризици од катастрофа Европа Ре.
Целта на состанокот, во рамки на Проектот за развој на осигурителен пазар од катастрофални ризици (SEEC CRIF), во кој се вклучени Македонија, Србија и Албанија, е да се добијат дополнителни информации за македонскиот осигурителен пазар и да се зајакне соработката со релевантните институции за нормално одвивање на натамошните проектни активности.
Претставниците од Светска банка, соопшти по состанокот Министерството за земјоделство, го информираа министерот Димовски за текот и активностите на проектот. Целта на проектот, според нив, е создавање осигурителни производи за ризик од катастрофи и неповолни временски услови, при што посебен акцент беше ставен на развој на осигурителни производи наменети за потребите на земјоделците. Со идентификување на ризикот кој го погодува земјоделското производство, Европа Ре ќе настојува да создаде соодветни осигурителни производи за земјоделскиот сектор во Република Македонија, а со тоа ќе придонесат за зголемување на пенетрацијата на осигурителниот пазар во државата, се вели во соопштението.
Во целиот проект, улогата на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство е да дејствува како кординатор во комуникацијата помеѓу земјоделските организации и земјоделските производители, како и да придонесе со доставување податоци со кои располага.
Проектот за развој на осигурителен пазар од катастрофални ризици (SEEC CRIF) е инициран од Светската Банка, а имплементиран од Europa RE Facility, под покровителство на македонската Владата.