Честитка од претседателот Иванов по повод 23 Oктомври – Ден на македонската револуционерна борба

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на државниот празник 23 Oктомври – Ден на македонската револуционерна борба, упати честитка до граѓаните на Република Македонија.

„На денешен ден пред 120 години шестмина македонски визионери под мотото „Смрт или слобода за Македонија” со страст и решителност започнаа да ја шират идејата за создавање на сопствена, самостојна и независна држава. Овие идеали прераснаа во водилка на македонските граѓани, круна на револуционерното движење за споделување на една заедничка идеја за сплотеност, непоколебливост и аманет за идните генерации.

Сплотени во победите и поразите, со стремеж и надеж за создавање на слободна и самостојна македонска држава ја славиме храброста и подвизите на македонските револуционери, кои со чисто срце го создаваа вековниот идеал за наша една и единствена Македонија.

Наша должност и завет е достојно да ги продолжиме идеалите на следбениците на македонската револуционерна борба, кои преку Крушевската Република и државотворниот АСНОМ создадоа демократска, правна, силна и модерна Република Македонија.

Визијата на шестмината дејци кои на денешен ден ја создадоа првата семакедонска организација ја славиме како државен празник на независна, суверена, демократска и европска Македонија. Горди на минатото, решително и заеднички чекориме кон иднината подготвени за нови предизвици. Наша обврска и должност е да се поклониме на генерациите пред нас и да го продолжиме патот кој води кон силна и напредна Република Македонија.

Македонскиот народ е еден и единствен без разлика на вера, етничка или политичка припадност. 23 Октомври е ден кој обединува многу генерации, татковци, синови и ќерки, сите со иста историска мисија за среќна и сплотена европска Македонија.

Нека ни е вечен Денот на Македонската револуционерна борба!“