По повод празникот, Денот на Македонската Револуционерна Борба 23-ти Октомври, Општина Охрид покрај другите активности, организираше и велосипедски натпревар низ улиците на централното градско подрачје.
„Локалната самоуправа заедно со Советот на општина Охрид реши да одржи една велосипедска трка заедно со велосипедската федерација на Македонија и Охридскиот велосипедски клуб Екодром да го одбележи празникот на еден најдобар начин симболично и да даде допринос на сите млади кои што учествуваат на едни вакви спортски настани, да дадеме допринос сите да бидеме заедно и да го подржуваме традиционално празникот“, – рече советникот во Општина Охрид Климе Шешоски.
Велосипедската кружна трка стартуваше од пред хотелот Палас на Кејот Маршал Тито. Технички организатор на настанот беше велосипедскиот Клуб Екодром.
„Направивме една мала приказна за да биде поинтересно за општата јавност. Значи и јубилееј, 80 години од формирањето на првиот велосипедски клуб во општина Охрид. На наше барање клубот Екодром како технички организатор од општина Охрид ја добивме поддршката за организирање на една ваква манифестација, која што се трудиме на некој начин да ги сплотиме празниците преку спортот за општ развој на најмладите дечиња. Самиот натпревар денеска е категоризиран според 5 категории, учестуваат женската категорија мастер сити, тоа се постари од 30 години и оние трите најнадежни да кажам, значи кадетите, јуниорите и сениорите“, – рече претседателот на Велосипедскиот клуб Екодром, Александар Јованоски.
WebOhrid