Министерството за образование и наука ќе додели 737 стипендии за учениците од средните училишта

Министерството за образование и наука ќе додели 737 стипендии за учебната 2013/2014година. Станува збор за шест категории ученици кои ќе добиваат парични средства во текот на девет месеци, истакна министерот за образование и наука Спиро Ристовски.

„Четиристотини стипендии за социјална поддршка на учениците, осумдесет стипендии за ученици со статус на деца без родители, педесет стипендии за ученици со посебни потреби, сто и педесет стипендии за талентирани ученици–спортисти, педесет стипендии за талентирани ученици и седум стипендии за ученици од угостителско – туристичката струка“, рече Ристовски.

Министерот детално информираше и за критериумите кои треба да ги исполнуваат кандидатите. На Кокурсот можат да аплицираат учениците од јавните и приватните средни училишта кои не повторувале година, не добиваат друга стипендија и се државјани на Република Македонија. Учениците кои ќе конкурираат за стипендии за социјална поддршка, треба да имаат успех во текот на школувањето најмалку 4,00, а предвид ќе се земе и материјалната состојба на семејството. Просечен успех од најмалку 3,00 е единствениот критериум за учениците со посебни потреби, и 3,50 за децата без родители. Покрај успехот од најмалку 4,00, за кандидатите–талентирани спортисти предвид ќе се земат и освоените награди на државни или меѓународни натпревари. Талентираните ученици кои ќе конкурираат за стипендија треба да имаат одличен успех и освоени награди на државни или меѓународни натпревари од областа на науката, техниката, културата и уметноста, соодветни на струката што ја изучува ученикот.

„Конкурсот за стипендирање на учениците од угостителско – туристичката струка е новина воведена оваа година и истиот веќе беше објавен, но ќе биде повторен заради доделување на 7 преостанати стипендии од вкупно 15. Во оваа категорија можат да се пријават ученици кои имаат просечен успех од најмалку 3,50 и освоиле награда на меѓународен или државен натпревар од областа на угостителството или туризмот“, изјави Ристовски.

Конкурсите ќе бидат објавени во понеделник на 28.10.2013 година во печатените медиуми и на интернет страницата на министерството, односно на порталот stipendii.mon.gov.mk. Аплицирањето ќе трае 2 недели.