Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (вторник, 29.10.2013 година) оствари средба со известувачот за Република Македонија во Европскиот Парламент, г-дин Ричард Ховит.
На средбата беше разговарано за европските интеграции на Република Македонија, активните реформи и мерки кои се преземаат во таа насока, за достигнување на стандардите, понатамошно унапредување на процесите, поголем интензитет во реформите каде се забележува помало придвижување, како дел од севкупниот интегративен процес, а во пресрет на подготовките на наредната Резолуција на Европскиот Парламент за Република Македонија која следи по објавувањето на есенскиот Извештај на Европската Комисија.
Соговорниците истакнаа дека позитивниот извештај и обновената петта по ред препорака за почеток на преговорите со Европската Комисија претставуваат позитивен момент за нашата земја.
Премиерот Груевски изрази благодарност за посветеноста, ангажираноста и поддршката на г-динот Ховит, и на Европскиот Парламент во контекст на европските интеграции на земјава, изразувајќи надеж дека овој пат таквиот напредок констатиран во позитивниот извештај на Европската Комисија ќе биде соодветно вреднуван и материјализиран со одлука за отпочнување на процесот на преговори со Европската Унија. Таква една одлука би била од извонредно значење и би дала позитивен импулс во пристапниот процес на државава, посочи премиерот Груевски, притоа истакнувајќи дека Република Македонија останува целосно подготвена да премине во следната фаза од пристапниот процес.
Премиерот Груевски истакна дека со цел продолжување на реформите за понатамошен напредок и надминување на предизвиците кои беа дефинирани од страна на Европската Комисија во последниот извештај, Владата на Република Македонија ќе состави акциски план кој ќе се спроведува во текот на наредните 12 месеци.
Европратеникот Ричард Ховит позитивно го оцени напредокот на Република Македонија и активните мерки кои се преземаат во исполнувањето на стандардите, посочувајќи дека е неопходно да се продолжи со истите напори и посветеност на понатамошни подобрувања во сите сфери каде постои потреба за тоа, и онаму каде се забележуваат напредоци и онаму каде што има забелешки за помал напредок. Тој изрази надеж дека конечното пристапување на Република Македонија позитивно ќе влијае за развој на државата и регионот.
Соговорниците разговараа и за останатите аспекти кои имаат влијание на европскиот интегративен процес на Република Македонија, при што премиерот Груевски ја истакна нашата посветеност за надминување на предизвиците и конструктивниот приод кој го покажуваме на ова поле.
Соговорниците истакнаа дека соработката помеѓу Република Македонија и Европскиот Парламент, како и досега ќе продолжи со силно темпо и динамика, и со заеднички пристап и поддршка во понатамошното подобрување на состојбите и реализација на реформите во секоја општествена сфера.